Македонија
(Видео) Заев: Судии, обвинители, поротници – ослободете се, ниту Мицкоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ не ви можат ништо
„Сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и траспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази. Нема амнестија ниту за стари, ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе одговара. Нашиот народ е жеден за правда, за брза и ефикасна правда“, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од пред судовите во Скопје, на „Маршот за правда“ којшто вечерва го организираше партијата.
Според него, парламентот ги донесе законите за судски совет за судовите, Законот за јавното обвинителство и цела лепеза на закони од правосудството и сега тоа е на потег.Според Заев, Собранието вчера отвори ново поглавје во реформите на правосудството.

„Со овој закон е гарантирана судска разрешница на сите судски постапки започнати и иницирани од СЈО, сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и траспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази. Нема амнестија ниту за стари, ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе одговара. Нашиот народ е жеден за правда, за брза и ефикасна правда“, порача Заев.

Според него, со овој закон се гарантира дека политичарите нема да може да бираат и менуваат обвинители, ниту да одлучуваат за иднината на предметите. „Нема веќе тефтерчиња, а тие што се виновни за старите тефтери ќе одговараат. Тоа е важно за правдата, за државата и за еднаквоста на сите граѓани пред законите. Покажавме пред граѓаните и пред меѓународните партнери дека имаме демократски капацитет да создадеме силни и независни институции.Забрзано чекориме кон интеграции во ЕУ и затоа денеска дополнително се радуваме“, рече Заев и додаде:
„На ред е ЕУ и нејзините земји членки. Ние нашите ветувања ги исполнуваме, ред е ЕУ да го исполни ветувањето и конечно да ги отвори првите поглавја. Ветивме интеграција во ЕУ и НАТО, подбар живот, ветивме правда и правична држава. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се поразени на темата правда – успеавме да обезбедиме двотретинско мнозинство“.

Заев порача сите да се охрабрат. „Судии, обвинители, поротници – ослободете се, ниту Мицкоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту нивните инсталации не ви можат ништо. Не сме задоволни од испорачаното во однос на правната држава, затоа решивме дека ни е потребно правосудство кое ќе ја донесе правдата, а не да застарува предмети. Можеше да има и побрза правда, но требаше Заев да се јавува по телефони и да нарачува пресуди. Но, за тоа ли се боревме? Ние го ослободивме судството, но будно го следиме. Денеска чекориме затоа што сме жедни, затоа што сакаме правда во нашата земја. Правдата доаѓа бавно, но доаѓа, ако ги ослободиме обвинителите и судиите да судат подеднакво за сите, тоа не значи дека можат да забегаат во друга крајност. Законодавството е донесено, нема да дозволиме, овде сме со будното око да следиме и да чекаме правна разрешница на сите случаи. Ни треба правна држава, ни треба закон еднаков на сите“, рече лидерот на СДСМ.

Експремиерот вели дека не смее и нема да се мешаат во судската власт, но дека имаат обврска да бараат судската власт да се менува. „Ќе го бараме тоа постојано сè додека граѓаните не добијат правда. Северна Македонија не смее да биде заложник на лични криминални и партиски интереси кои сè уште го држат судството во заложништво“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

