Македонија
СДСМ: По носењето на законот за ЈО, на ред е правосудството да воспостави правда
„СДСМ како одговорна и демократска партија преку легитимни законски решенија создаде услови за независно и професионално правосудство. Со законот за Јавното обвинителство креираме независен обвинителски систем преку кој овозможуваме судска завршница на сите предмети поведени од СЈО, кои се во судска постапка, но се создадени услови да продолжат и случаи што се во фаза на истрага“, соопшти партијата.
Според СДСМ, во тие случаи како осомничени се главно функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Во досието „Моќник“ осомничен е Антонијо Милошоски, во предметот „Актор“ за одговорни се сметаат Никола Груевски и Миле Јанакиески. Во „Империја“ се осомничени Орце Камчев и Сашо Мијалков, во „Друмарина“ е Силвана Бонева, а во досието „Пациент“ – Бујар Османи, како и други случаи што имаат шанса да завршат со обвинителни акти и судски пресуди.
„Сега е појасно зошто ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше на законот и зошто беше во мисија да ги заштити својот и криминалот на Никола Груевски. Извршителот Христијан Мицкоски не успеа во намерата да ги загрози правдата и правната држава. СДСМ ги обезбеди сите услови за брза и ефикасна завршница, и на судските постапки и на почнатите истраги. Сега на ред е правосудниот систем, кој мора да заборави на 11-годишната режимска пракса кога функционира под закани нарачани притвори и телефонски пресуди.
Ние како одговорна власт јавно им укажуваме дека никогаш за ниту еден предмет нема да им се јавиме и да им сугерираме да судат спротивно на доказите. Ги охрабруваме да ги спроведат сите закони што се донесоа во изминатите две години, а кои значат реформа во правосудството. СДСМ создаде законски услови да завладеат правдата и правната држава, затоа сега редно е ослободените обвинители и судии според словото на законот и според материјалните докази да ги забрзаат сите почнати постапки“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Македонија
Променливо облачно со засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Во утринските часови, во повисоките предели на северозападот можно е краткотрајно провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Минималната температура ќе се движи од -4 до 4 степени, додека максималната дневна ќе биде меѓу 5 и 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со кратки сончеви периоди. Северниот ветер на моменти ќе засилува, особено во одредени делови од котлината. Утринската температура ќе се спушти до 2 степени, а дневната ќе достигне до 11 степени.
Во текот на новата седмица се очекува стабилно време. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, претежно во североисточните делови од земјата, се можни повремени локални врнежи од дожд. Утрaта ќе бидат постудени, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.

