Македонија
Мицкоски: Идната коалиција ќе биде на база на програма, а не на победник со победник
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања најави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, тоа не мора да значи дека ќе коалицира со победникот од албанскиот блок, откако оваа пракса – „победник со победник“, беше прекршена од страна на ДУИ на претходните парламентарни избори.
„Знаете, животот не е игра и во животот има принципи коишто ако еднаш се скршат веќе не се принципи. И во име на тоа можам да ви кажам дека политиките што ги води ВМРО-ДПМНЕ се темелат на принципи и бидејќи овој принцип еднаш е прекршен, во едно телевизиско интервју кажавме дека идната коалиција ќе биде на база програма со програма и тој принцип не го менуваме“, рече Мицкоски прашан за коментар по изјава на Бујар Османи дека за нив е важно победниците да коалицираат.
Во однос на тоа дали ако победат размислуваат за коалиција со Алијанса и Алтернатива, Мицкоски одговори дека размислуваат да освојат 61 пратеник на 12 април.
„Според нашите анализи, ние сме многу блиску до таа бројка, а веднаш по завршување на изборите ќе бидат возможни разговори со сите политички чинители во државата, вклучително и со оваа коалиција којашто вие ја споменавте, тоа е коалицијата помеѓу Алијансата на Албанците и политичката партија Алтернатива“, рече Мицкоски.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, коалиција ќе биде можна со секој чијашто политичка програма ќе биде компатибилна со програмата на ВМРО ДПМНЕ.
„Ако вие во еден оркестар свирите на различни ноти тогаш логично е дека оркестарот нема да биде допадлив за ушите на слушателите. Затоа велам ако тие програми без разлика на која политичка партија се допрат со програмите на ВМРО-ДПМНЕ и обратно, тоа не треба тоа да биде еднонасочна улица. Сите политички партии доаѓаат предвид, вклучително и политичката партија ДУИ“, одговори Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Дали ќе трае пет месеци или пет години никој не може да каже, рече судијката Груевска-Илиевска на почетокот на судењето за „Пулс”
Со посебна почит кон болката на семејствата на загинатите, судијката Диана Груевска-Илиевска на почетокот на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ кој однесе 63 животи, рече дека никој не може да претпостави колку време ќе трае постапката. Таа ги повика сите учесници на дисциплина за да може да се дојде до вистината и правдата.


„Не можам да ви гарантирам брзина, но повикувам на дисциплина и редовност за да дојдеме до вистината и до правдата. Колку ќе трае судењето, дали ќе бидат пет месеци или пет години никој не може да знае“, рече судијката Груевска-Илиевска.
Најави транспарентност за време на судењето, а оштетените ги замоли на судењата да се договорат да испраќаат по еден член кој подоцна ќе им ги пренесува информациите оти и најголемата судница во земјава се покажа тесна.


Судијката повика на дисциплина на судењата и нагласи дека секој што нема да ги почитува „правилата на игра“ ќе биде опоменат, а втора опомена ќе значи исфрлање од судница или парична казна.
За заштита од непотребни одлагања, судијката рече дека судот дополнително ќе ги проверува сите лекарски белешки.
Судењето почна утрово, но повеќе од еден час трае евиденција на присутните.
Ова е најголемо судење во земјава со обвинети 35 физички и три правни лица, 15 обвинители, а многумина од обвинетите имаат и по двајца адвокати.
Македонија
Прекин на патот Македонски Брод – Скопје поради одрон
Поради одрон патот Македонски Брод – Скопје е во прекин.
„Во 08:40 часот на регионалниот пат Македонски Брод-Скопје, поточно кај резерватот Јасен сообраќајот е во прекин поради одрон на патот“, информира АМСМ.
Македонија
ЦУК: Добиени се повеќе пријави за свлечишта и одрони на патот
Во текот на вечерните и утринските часови, како последица на обилните врнежи кои го зафатија западниот и југозападниот дел, на единствениот повикувачки број за итни повици 112 се добиени повеќе пријави за свлечишта на земја и одрони на патот, поточно кај местата Дебар-Струга кај местото Џепчиште и кај патот Кичево – Охрид кај место Извор, известија од Центарот за управување со кризи.
Оперативниот центар при ЦУК веднаш стапи во контакт со дежурните служби на Македонија пат, кои веднаш се вклучија во отстранување на свлечиштата и одроните кои предизвикуваа опасност по сообраќајот, додаваат од ЦУК.

