Македонија
Димитров на панел во Прага: Ни треба повеќе од ветување на хартија
Вчера на Карловиот универзитет во Прага министерот за надворешни работи, Никола Димитров, имаше настап на панелот „Неисполнетото ветување на ЕУ за Западен Балкан – време за стратешка одлука во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ” што беше дел од дебатата насловена „Заживување на агендата на проширувањето на ЕУ: 2020 – нова можност за Западен Балкан” во организација на Европскиот институт за политики – ЕУРОПЕУМ.
На аудиториумот составен од претставници на тинк-тенк заедницата, академската заедница, невладини организации, дипоматскиот кор, Димитров им го претстави македонскиот случај во контекст на евроинтегративниот пат и предизвиците на истиот.
Запознавајќи ја публиката со историскиот и политичкиот контекст од независноста и реактуелизирањето на политиката на проширување, Димитров го потенцираше претстојниот период како есенцијален, каква што е и корелацијата на резултатите и временската рамка од пролетната агенда на ЕУ.
„Атрактивноста на ЕУ е во нејзиниот наратив, но за истиот да биде одржлив ни треба повеќе од ветување на хартија. Партнерствата се валоризираат низ призмата на ветувањата и очекувањата. А нашите очекувања од ЕУ се повеќе од оправдани“, рече Димитров.
Копанелестите, чешкиот заменик-МНР – Алеш Хмелаж, директорот на институтот – Владимир Бартовиц, Јана Јузова – експерт за Западен Балкан во Еуропеум, и соговорниците од публиката во разговор со министерот Димитров ја коментираа позитивната динамика на политиката на проширување од октомври минатата година, што им дава за право да очекуваат наскоро и позитивен исход за Северна Македонија.
Во рамки на првиот ден од работната посета на Прага, покрај билатералната средба со чешкиот МНР, Петричек, и учеството на панелот, Димитров имаше средби и со претседателот на Долниот дом на чешкиот парламент – Радек Вондрачек и со државната секретарка за европски прашања- Милена Хрдинкова на кои беше изразена силна поддршка за Северна Македонија за отпочнување пристапни преговори со ЕУ, поздравени реформските постигнувања и добрососедските односи.
МНР Димитров ќе учествува на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, којшто се организира во рамки на чешкото претседавање со Вишеградската група.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

