Македонија
Жената која допатува од Рим не е заразена со коронавирус
Министерството за здравство информира дека резултатите на пациентката кај која постоеше сомнеж за коронавирус, кои штотуку пристигнале, се негативни на вирусот.
Пациентката е една од двата случаи кои се тестираа на Инфективната клиника во Скопје. И двата случаи се негативни на вирусот.
Во моментов веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот COVID 19.
Инаку, како што беше најавено на синоќешната конференција за медиуми, во текот на ноќта сите 9 патници на 5-те локации, 2 во Скопје и 3 во Струмица беа посетени од страна на епидемиолозите од Центрите за јавно здравје во Скопје и Струмица.
„Сите патници кои патувале од Италија со пациентката уште синоќа се исконтактирани и се наоѓаат во изолација во домашни услови во соработка со МВР. Најголем дел од патниците немале контакт со поголема маса луѓе, туку само со семејството. На денешниот состанок на комитетот ќе ги разгледаме можностите за продолжување на домашната изолација или префрлување на овие лица во инфективните одделенија, одредени за изолација“, посочи министерот Филипче.
Лицата со кои тие биле во контакт се веќе лоцирани и исконтактирани. И тие се наоѓаат во домашна изолација, а епидемиолозите на Центрите за јавно здравје од утринава се веќе на терен и ги анкетираат, согласно утврдената постапка.
Владата претходно ги извести сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработени во основно, средно и високо образование како и сите ученици и студенти дека доколку во последниве 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван потребно е, да не доаѓаат на работа/училиште/факултет и да ја информираат институцијата/претпријатието/училиштето и да се јават на телефонските броеви во ЦЈЗ.
Надлежните апелираат до граѓаните да не се создава паника и да се информираат за состојбата исклучиво од официјални извори и информации. Министерството за здравство продолжува редовно да информира за состојбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и студено, на планините снег
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата
Во духот на обновената традиција, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова првиот ден од Новата 2026 година го помина со припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, придружувана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Сашко Лафчиски.
Обраќајќи им се на новопримените професионални војници, таа истакна дека дисциплината, усогласеноста и начинот на спроведување на обуката јасно ја отсликуваат нивната посветеност и интерес за воената професија.
Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, коишто ќе овозможат дополнителна едукација на војниците и старешините.
„Среќна сум што Новата година ја започнувам со вас! Ви посакувам добро здравје, посветеност и истрајност, зашто само со труд, надграден со љубов кон професијата, се создаваат перфектни војници“, порача претседателката.
Според неа, индивидуалната одговорност, професионалното ракување со опремата и јасната визија на македонската армија за мисијата се нераскинлив дел од воената служба.
Таа го поздрави постигнатото ниво на подготвеност коешто македонските војници, питомци и офицери ги прави компатибилни, препознатливи и рамноправни со своите колеги во сите сојузнички армии и меѓународни мисии.
Во текот на посетата, претседателката беше брифирана за мисијата и капацитетите на Командата за обука и доктрини. Таа присуствуваше на презентација во Центарот за симулации, каде што беше прикажана ефикасноста во изработката на правила, упатства и научени лекции, како и на презентација на Центарот за обука и дресура на службени кучиња.
Преку непосредниот увид во работата и активностите на терен, уште еднаш беа потврдени вредностите и способностите поради коишто оваа единица беше одликувана минатата година, високото ниво на кохезија, професионалност и целосна усогласеност со НАТО-стандардите.

