Македонија
Хелсиншки комитет: Не смее да ѝ се даде отказ на работничка за време на бременост

Бремена работничка побара правна помош од Хелсиншкиот комитет бидејќи работодавачот незаконски ` го прекинал работниот однос додека користела боледување. Станува збор за работничка на која непосредно откако го информирала работодавачот дека е бремена ѝ бил откажан договорот за вработување. Работодавачот ѝ го врачил отказот на работничката додека таа била на боледување, со образложение дека неоправдано отсуствувала од работа во претходниот период, што претставува повреда на одредбите на Законот за работни односи. Симптоматично е што работодавачот како причина за отказ наведува наводно отсуство на работничката од работа, а за истото таа никогаш претходно не добила никакви предупредувања, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Случајот бил пријавен во Државниот инспекторат за труд, кој по спроведениот вонреден инспекциски надзор утврдил повреда на Законот за работни односи од страна на работодавачот и дискриминација на работничката. Државниот инспекторат за труд со свое решение го укинал решението за прекин на работниот однос на работничката и му наложил на работодавачот да ја врати работничката на работа. Работодавачот постапил по наредбата на Државниот инспекторат на труд и ја врати работничката на нејзиното работно место.
„Бремените работнички уживаат посебна заштита со македонското трудово законодавство. Работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работничката за време на бременост, ниту за време на отсуство заради боледување. Доколку работничката сторила потешки прекршувања на договорните обврски, може да
` биде откажан договорот за вработување, само по претходна согласност на синдикатот чиј член е работничката или по добиена согласност од Државниот инспекторат за труд.
Овие дејствија на работодавачот претставуваат директна дискриминација врз работничката на основа на нејзиниот пол, род и личен статус и се забранети со Законот за работните односи и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Овој случај ја отсликува честата практика на работодавачите да ги дискриминираат жените врз основа на пол, род, лично својство, семејна или брачна состојба и ја потврдува особената ранливост и подложност на дискриминација на бремените жени во областа на вработувањето и работните односи.
Ваквите случаи дополнително ја акцентираат потребата за усогласување на домашното трудово законодавство со она на Европската Унија и со стандардите на Меѓународната организација на трудот со цел подобра превенција и заштита од дискриминација на жените во областа на вработувањето и работните односи“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: За една година инвестиравме 164 милиони денари во Арачиново

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид на терен во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново – проект составен од 9 краци, со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Меџити при работната посета изјави дека моментално се работи на последниот крак, во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а проектот се очекува да заврши во текот на наредниот месец.
„Во изминатите 13 месеци, во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари – реални, конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“, изјави Меџити.
Овие инвестиции, појасни тој, се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што се инвестирани 164 милиони денари преку Првиот повик, Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции – од кои 64 милиони денари се само за изградбата на каналот, а 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.
Меџити најави дека работата нема да застане тука.
„Ќе продолжиме да инвестираме – не по партиска или етничка линија, туку секаде каде што има реална потреба. Веруваме во одговорна политика која носи конкретни резултати, а нашата цел е секој граѓанин да ја почувствува разликата“, заклучи Меџити.
Македонија
Support Kocani со нова донација на компресивна облека за повредените од пожарот во Кочани

Граѓанската иницијатива Support Kocani ја реализира и третата пратка компресивна облека, наменета за преживеаните лица од пожарот во Кочани. Облеката е веќе предадена на Општата болница во Кочани, со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
Вредноста на оваа набавка изнесува 2.193.047 денари (35.555 евра), а средствата се целосно обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и дијаспората. Со ова, вкупната вредност на досегашните три испораки надминува 3,4 милиони денари.
Со оваа пратка се опфатени втората тура на нарачки од првите две групи корисници на компресивна облека. Во оваа донација вкупно се обезбедени 176 парчиња специјализирана компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за секој од засегнатите лица.
Македонија
Утре променливо облачно време, со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Од среда до петок ќе преовладува претежно стабилно време со пораст на дневните температури.
Во деновите од викендот повторно ќе има услови за повремени локални врнежи од дожд и ретки грмежи, а дневните температури ќе бидат во опаѓање.