Македонија
Состанок на секторската работна група за здравство
Премиерот Оливер Спасовски денеска се обрати на иницијалниот состанок на Секторската работна група за здравство, на кој беа разгледани наодите и препораките од проектот „Анализа на ефикасноста на системот за секундарна и терциерна здравствена заштита во Република Северна Македонија“, кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а го спроведе конзорциумот „Консеј Санте“.
На состанокот, на кој присуствуваа министерот за здравство, Венко Филипче, раководителот на секторот за соработка при Мисијата на Европската Унија во Скопје Никола Бертолини, регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге, претставници на конзорциумот „Консеј Сантѐ“, претставници од меѓународни институции, од граѓанскиот сектор и членови на Секторската работна група за здравство, премиерот Спасовски во воведното обраќање истакна дека овој проект ги потврдува заложбите на Владата да организира спроведлив и одржлив здравствен систем во сите степени, и систем кој првенствено ја има грижата за здравјето на граѓаните.
„Во буџетот за 2020, во функциите здравство, образование и социјална заштита се предвидени вкупно 154 милијарди денари. Тоа е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со претходниот буџет“, подвлече премиерот Спасовски.
Тој истакна дека за подобро јавно здравство е неопходно да се вложува во човечкиот капацитет со цел лекарите и здравствените работници да бидат мотивирани за работа и да не размислуваат за заминување во странство.
„Инвестираме првенствено во луѓето, пред сè во младите, за да останат тука да се едуцираат. Дадовме над 5 илјади согласности за вработување за 2 години и нема здравствена установа во земјата каде бројот на вработени не е зголемен за најмалку 10 отсто. Повеќе лекари, медицински сестри и друг медицински персонал, значи повеќе грижа за граѓаните и поквалитетни здравствени услуги“, посочи претседателот на Владата, Спасовски.
Воедно, Спасовски наведе дека кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40 отсто, на медицинските сестри на клиниките помеѓу 20 и 23 отсто, на општите лекари за 25 отсто и на здравствените соработници за 15 отсто.
Тој соопшти дека е донесена одлука за 15 отсто да се зголеми капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија.
Министерот Филипче во неговото обраќање информираше дека Секторската работна група ја предводи Министерството за здравство и во неа се вклучени претставници од различни државни органи и институции чии надлежности се поврзани со имплементација на политиките за здравството, а по потреба во нејзината работа ќе бидат вклучени и други институции, како и претставници на граѓанскиот сектор.

„Оваа секторската работна група ќе биде местото каде ќе се утврдуваат приоритетите што ќе се финансираат од ЕУ и други донатори, каде ќе се следи нивната имплементација и ќе се остварува координација на целокупната странска помош за развој на секундарна и терциерна здравствена заштита во Република Северна Македонија. На тој начин, достапните средства од разни извори ќе бидат насочени кон поддршка на националните политики“, информираше министерот за здравство, Филипче.
Исто така тој истакна дека секторската група имајќи го предвид фактот дека е одговорна за донаторската координација во секторот, таа во нејзината работа ги интегрира и донаторите (ЕУ, билатералните донатори) и меѓународните организации (како агенциите на ОН, Светска банка и др.).
Осврнувајќи се на овој конкретен проект спроведен од конзорциумот „Консеј Сантѐ“, министерот Филипче наведе дека неговата цел е анализа на функционирањето и достапноста на секундарната и терциерната здравствена заштита со цел да се обезбеди висококвалитетен, безбеден и економичен систем на здравствена заштита.
Раководителот на секторот за соработка при Мисијата на ЕУ во Скопје Никола Бертолини во своето обраќање истакна дека работата на оваа група е од исклучително значење и дека преку неа во наредниот период треба да се оцртаат приоритетите за реформа на здравствениот систем во Република Северна Македонија. Тој посочи дека во фокусот на европските политики е човекот и посочи дека ЕУ на овој начин ќе го поддржи јакнењето на здравствените капацитети во нашата земја.
По воведните обраќања почна работниот дел на состанокот, кој го отвори регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге, при што ја поздрави оваа иницијатива и се осврна на значењето на соработката на регионален и глобален план во сферата на здравството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

