Македонија
Заев ја претстави економската програма: „600 евра просечна, 300 евра мининална плата“
100.000 нови работни места, 36.000 денари просечна и 18.000 минимална плата до крајот на мандатот во 2024. Ова се дел од ветувањата на СДСМ за економската програма за период од 2020-2024 година, што денеска ја презентираше претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„До крајот на мандатот, до 2024 година, ќе отвориме 100.000 нови работни места. Ако можевме за 2,5 години да отвориме 60.000 конкретни, јасно видливи работни места главно во реалниот сектор, знаеме и можеме за полн мандат од 4 години да отвориме 100.000 нови работни места. Поддршката за домашни и странски инвестиции ја зголемуваме и ја проектираме во износ од 300 милиони евра до крајот на мандатот. На ова додаваме уште 300 милиони евра европски средства за развој на домашната економија. Тоа се вкупно 600 милиони евра за развој на бизнисот, за фирмите, за нови работни места, за иновации, за стартапи, за младите, за работа дома, во нашата татковина. Невработеноста ќе ја донесеме под 8%, односно под 20% кај младите. Денес стапаката на невработеност изнесува 17,1 кај општата популација и 35 отсто кај младите и е сериозно намалена во споредба со 2017 година. За само две и пол години минималната плата ја покачивме за 60 отсто или за 5.500 денари, а просечната за над 4.000 денари. Покажавме дека платите можат да растат во сите сектори. За само две и пол години просечната плата ја зголемивме на 450 евра. Затоа, во новиот мандат растот на платите продолжува и тој ќе биде и побрз и посилен. Просечната плата ќе порасне на 36.000 денари. Минималната на 18.000 денари. 600 евра просечна, 300 евра мининална плата“, рече Заев.
Тој додаде дека платите на вработените во образованието и здравството ќе пораснат за 20 отсто, а најави и дека продолжува субвенционирањето на придонесите за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари по вработен.
„Ги унапредуваме условите за работа во ИТ-индустријата која е генератор на илјадници добро платени работни места. До 2023 година персоналниот данок во ИТ-индустријата го намалуваме до 0%. Заедно со мерките на повраток на персоналниот данок, директно во самата индустрија, за конечно сите во ИТ-индустријата да плаќаат 0% данок. Ќе развиеме и еден нов модел на номади и слични меѓународно признати механизми, за развој на оваа важна индустриска гранка. За оние кои сакаат да се обучуваат, доообучуваат или преквалификуваат, обезбедуваме целосен поврат на персоналниот данок за обука, дообука и преквалификација“, нагласи Заев.
Првиот човек на СДСМ најави целосно нови стратегии преку грантови или неповратни средства од 5.000 – 15.000 евра за млади и жени за отворање сопствени бизниси, каде државата го презема поголемиот дел од ризикот при евентуален неуспех.
Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години. Парите ќе одат директно на сметка кај младите, рече Заев.
Со чесна и одговорна понуда, вели Заев, бараме од граѓаните мандат од четири години за да покажеме дека невработеноста може уште многу да се намалува, дека платите и пензиите можат уште повеќе да растат, дека има пари и за поддршка на компаниите, на земјоделците, на ранливите категории граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

