Македонија
Европската комисија ја повтори препораката за почеток на преговорите со ЕУ
Европската комисија потврди дека Македонија и Албанија ги исполниле условите за почнување на преговорите за пристапување во Европската Унија. Извештајот го потврдува напредокот постигнат од Скопје и Тирана во постигнувањето резултати во клучните области утврдени од Советот на ЕУ.
„Основните препораки за почнување на пристапните преговори остануваат валидни“, се вели во извештајот, пренесе новинската агенција „Танјуг“.
Најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија и Албанија е дел од обновената заложба на Европската комисија за продолжување на политиката на проширување на ЕУ.
Извештајот е веќе испратен до земјите членки, кои треба да одлучат на министерско ниво, а потоа лидерите во март треба да се изјаснат дали ќе почнат преговорите за пристапување во Унијата.
Во моментот само Србија и Црна Гора се во преговори за членство во ЕУ.
По минатогодишната блокада на почнувањето на разговорите со Скопје и Тирана, францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека оваа година ќе го поддржи почнувањето на разговорите за пристапување доколку извештајот на Европската комисија е позитивен.
„Го чекаме извештајот во март. Во зависност од тоа дали резултатите се позитивни и се воспоставува доверба, ние ќе бидеме во состојба да отвориме преговори“, рече Макрон.
Сè уште не е познато како на извештајот ќе реагираат Холандија и Данска, кои заедно со Франција покажаа резервираност минатата година и не го поддржаа почнувањето на преговорите за пристапување, пишува „Танјуг“.
Министерот за надворешни работи на Холандија, Штеф Блок, на состанокот на Советот на ЕУ во февруари во Брисел рече дека официјален Хаг може да даде зелено светло за Скопје, но дека Албанија има да направи уште многу кога станува збор за исполнување на условите за почеток на преговорите за пристапување.
Европската комисија очекува да се постигне консензус на самитот на лидерите на ЕУ на крајот на март за отворање на пристапните преговори со Скопје и Атина.
Дипломатски извори шпекулираат дека, покрај генерално зеленото светло за двете земји, Албанија нема веднаш да добие датум за почеток на преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

