Македонија
Трипуновски: АХВ не вршела проверка на храната речиси половина година
 
																								
												
												
											Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, и денеска обвини дека Агенцијата за храна и ветеринарство не вршела проверка на храната речиси половина година.
Тој рече дека документите покажуваат оти никој не знае што јаделе граѓаните во текот на шест месеци во 2019 година.
„Обврска на АХВ е мониторинг-програмите да бидат донесени навреме и да се спроведуваат континуирано во текот на целата година. Одговорноста е и законска, но и морална, бидејќи се работи за здравјето на граѓаните. Изговори не смее да има. Наместо да излезат и да ѝ се извинат на јавноста, Заев и Атанасов грубо лажат дека вршеле проверки на храната. Проверка не е вршена. Ова е документот што го докажува спротивното“, рече Трипуновски.
Според него, СДСМ си игра со здравјето на граѓаните, а ситуацијата со храната е само еден пример за неодговорноста на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Тетовец се заканил со убиство на жена и функционери од политичка партија: Обвинителството поведе постапка
 
														Основното јавно обвинителство Тетово, постапувајќи по кривична пријава од СВР Тетово, поведе постапка против 49-годишен тетовец за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело – Загрозување на сигурноста според член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 28 октомври, од профил на социјалната мрежа Фејсбук објавил видео и текст на албански јазик во кој отворено се заканил со убиство и други тешки кривични дела кон една жена и кон функционери од една политичка партија и лица со политичко уверување. Со објавата која имала навредлива, омаловажувачка, но и заканувачка содржина кај оштетената предизвикал чувство на вознемиреност и страв.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судот го прифати предлогот и ја определи притворската мерка.
Македонија
Завршува кампањата за вториот круг од локалните избори, на полноќ почнува изборниот молк
 
														На полноќ завршува кампањата за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат во недела, 2 ноември. Со тоа почнува изборниот молк, кој ќе трае до затворањето на избирачките места во 19 часот во недела.
Во вториот круг ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, а на три избирачки места во Шуто Оризари ќе се спроведе прегласување за советници. Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше ќе се повтори изборниот процес поради непостигнат цензус во првиот круг одржан на 19 октомври.
Синоќа во Скопје коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го одржа завршниот митинг, на кој зборуваа премиерот и лидер на партијата Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Мицкоски ги изрази очекувањата за историска победа во вториот круг, додека Ѓорѓиевски ги повика скопјани масовно да излезат на гласање и, како што рече, да покажат дека Скопје избира работа и човек кој знае и умее.
Движењето ЗНАМ најави мини митинг со обраќања на Мицкоски, Ѓорѓиевски и кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ, додека кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, во текот на денот ќе одржи завршна прес-конференција.
Во Град Скопје право на глас имаат 474.304 гласачи, кои во недела ќе избираат меѓу Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица.
Македонија
Околу 130 килограми марихуана откриени на Табановце, поведена истрага
 
														Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против српски државјанин осомничен за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 29 октомври, на граничниот премин Табановце, во камион со полуприколка (ладилник) со словенечки регистарски ознаки, тој се обидел да пренесе 129,7 килограми наркотична дрога марихуана. Дрогата, во 14 торби скриени во камионот во сопственост на превозна компанија од Словенија, ги пронашле царинските службеници при контрола на возилото.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											