Регион
Бугарија ја поддржува интеграцијата на Албанија, но услов се правата на малцинствата
Бугарскиот претседател Румен Радев изрази силна поддршка на својата земја за Албанија на европски пат.
Сепак, Радев, кој е во дводневна официјална посета на Албанија, како што наведе агенцијата „АТА“ рече дека почитувањето на правата на малцинствата е услов за поддршката.
„Мојата посета се случува во важно време. Веруваме дека Албанија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ. Ние разбираме дека процесот е комплициран и долг, но ние сме подготвени да обезбедиме помош “, рече Радев на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Илир Мета.
Кога станува збор за правата на националните малцинства, Радев рече дека тие треба да бидат слободни и да ги уживаат нивните права, а ова е еден од бугарските критериуми за поддршка.
„Убеден сум дека ќе бидеме сведоци на успешно усвојување на законот и спроведување попис каде сите ќе бидат слободни да ја изразат својата националност“, рече Радев.
Двајцата претседатели разговараа за можностите за зајакнување на економската соработка, како и за повторно воспоставување на авионска линија помеѓу Тирана и Софија.
Бугарскиот претседател утре ќе посети делови од Албанија погодени од катастрофалниот земјотрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја удрил „ситроен“, па ја прегази „бмв“: тешко повредена жена во Белград
Жената која преживеа тешка сообраќајна несреќа во Раковица, населба на југот на Белград, од саботата е хоспитализирана. Имено, како што пишува Телеграф.рс, во неа на пешачки премин удрил возач на автомобил „ситроен“. Вториот возач кој управувал автомобил „БМВ“ не закочил навреме и го прегазил телото на жената.
На двајцата возачи им било извршено алкотестирање, при што било утврдено дека не биле под дејство на алкохол. Жената била примена во болница со тешка повреда на слезината и повреди на главата.
За случајот е известено Второто основно јавно обвинителство Белград, кое и наложило на полицијата да ги достави извештаите за незгодата, да изврши вештачење на возилото и да обезбеди снимка од камерата.
Регион
Трагедија на забава, еден загинат откако рачна бомба експлодирала во раката на 25-годишно момче во Хрватска
Забава во подрум во Книн во Хрватска завршила со експлозија на рачна граната. Загина 25-годишен маж, а тешко се повредени двајца млади на возраст од 25 и 23 години, една девојка на 21 година и еден малолетник.
Полицијата во саботата во 23 часот добила дојава дека ескплодирала непозната експлозивна направа. По увидот било утврдено дека се работи за рачна граната М-75.
„Од спроведените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба од станот што го користел за време на забавата донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Поради нестручно ракување дошло до несакано активирање на рачна бомба во раката на починатиот 25-годишник“, се вели во полициското соопштение.
Полициски службеници ја продолжуваат кривичната истрага за утврдување на околностите за набавката и поседувањето на споменатата минска експлозивна направа.
Регион
(Видео) Падна дел од фасадата на зграда на главниот плоштад во Загреб
Парчиња од фасадата од предниот дел на зградата паднале на плоштадот Бан Јелачиќ,објави порталот „Индекс“.
Полицијата ја опколила областа, а потоа работата ја презеле во свои раце пожарникарите и комуналните служби.
„Граѓаните и туристите го искористија денешното убаво време за да се прошетаат низ центарот на метрополата. Сепак, во популарниот загрепски сообраќаен шпиц околу 13 часот, на повик на загрижени минувачи пристигна полицијата, а потоа и загрепските пожарникари“, пишува „Јутарњи лист“.
Загрепските пожарникари ги извадиле остатоците од почетниот дел од фасадата кој не престанал да се распаѓа.
Според „Јутарњи лист“, отстранети се околу два метри материјал кој претставувал сериозна опасност.
За среќа нема повредени, а се уште не е позната висината на материјалната штета.
Во Загреб веќе се случи дел од фасадата да се откине од зградите во самиот центар на градот.
Пред само неколку недели, дел од фасадата се откина од зграда, исто така во близина на главниот плоштад во Загреб.
Минатото лето, дел од фасадата падна во близина на Хрватскиот народен театар, а пожарникарите потоа извадија приближно три квадратни метри од фасадата, која се закануваше да падне врз минувачите.
Исто така, во февруари годинава на аголот од улиците Илица и Томиќева од објектот паднало парче фасада, при што немало повредени.