Македонија
Заразената директорка ќе биде казнета оти доаѓала на работа, место да остане во изолација
Најостри казни за сите кај кои ќе биде утврдено дека не ги почутуваат препораките за заштита од коронавирус, најави министерот за здравство, Венко Филипче, откако соопшти дека негова колешка, директорка на Клиниката за дерматологија пет дена доаѓала на работа место да остане во изолација откако се вратила од Италија. Директорката е сместена на Клиниката за инфективни болести, а вирусот ѝ бил дијагностициран доцна синоќа.
„Со оглед на тоа што се работи за колешка, морам да кажам дека сум максимално разочаран. Таа сега е на лекување, насочени сме кон тоа прво да се излекува. Секаде каде што ќе видиме дека има прекршок, ние ќе преземеме најостри мерки на санкционирање. Освен тоа што таа е на лекување, во овој момент не можеме и ништо друго да преземеме во смисла нејзино разрешување, поради изборите, но мерки ќе има секако“, изјави Филипче.
Тој уште еднаш апелира сите што доаѓаат од ризични региони, доколку на граница немаат симптоми, да останат во автоизолација 14 дена оти инкубацијата е најризичниот стадиум од болеста.
Во текот на денот Министерството за здравство очекува да добие известување од Стопанската комора за бројот на патници од Македонија кои заминале на организирано осмомартовско патување во ризичните региони.
Италија стана втора земја во светот по бројот на починати и заразени од вирусот ковид-19. Во последните 24 часа од коронавирус починале 133 лица, што е најголема бројка жртви во еден ден досега, а бројот на починати е 366. Италија има вкупно заболени 7.375 од кои оздравеле 633 лица, што е за 33 повеќе од вчера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Сопиште и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07:30 до 15:00 часот, корисниците на блокот на згради од булеварот Партизански Одреди бр.17 кон улица Максим Горки, општина Центар.
· во периодот од 07:45 до 15:30 часот, корисниците на селата Јаболци, Ново Брезница, Патишка Река, Држилово, Малчиште, Црн Врв, Елово, Осинчани, Карст с.Јаболци Викендици Држилово, Сателитски Центар, Ново Брезница, Рудпроект, Јаболци, Патишка Река, општина Сопиште.
· во периодот од 08:30 до 10:30 часот, корисниците на улицата Тале Христов, Поликлиника ВФВ и Објектите околу ВРВ Поликлиник, општина Бутел.
· во периодот од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците на улицата Елисие Поповски – Марко бр.21,47 и други корисници во непосредна близина, општина Центар.
Македонија
Делови од Центар и Аеродром денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска:
– поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на улицата Франклин Рузвелт бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, односно потегот од Орце Николов до Благој Давков, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.
– поради промена на вентил во шахта ф-2“ на улицата Венијамин Мачуковски бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време. Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Поради разведрувањето утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а дневната ќе бележи тенденција на благ пораст.

