Македонија
Најдоцна за еден месец ќе биде отстранета првата галија во Вардар
Градот Скопје денеска почнува постапка за отстранување на првата галија од коритото на Вардар, поточно на галијата во близина на местото каде што требаше да се гради Панорамското тркало. Условите се создадени и во рок од 30 дена корисникот на таа, таканаречена, урбана опрема е должен сам да ја отстрани, соопшти градоначалникот Петре Шилегов.
„Градот Скопје во изминатиот период водеше сериозни правни постапки, со сериозна правна прецизност, за да се создадат услови за отстранување на првата галија од коритото на реката Вардар без да има опасност од какви било финансиски импликации по нашиот град. Условите се создадени и во рок од 30 дена корисникот на таа, таканаречена, урбана опрема е должен сам да ја отстрани. Во спротивно, тоа ќе го направи Градот на негов трошок, по истекот на овој рок, некаде по 10 април оваа година“, рече Шилегов.
Тој нагласи дека безбедноста на скопјани е на прво место.
„Сите анализи и студии што ги направивме укажуваат дека објектите од проектот ‘Скопје 2014’ коишто се наоѓаат внатре во коритото на Вардар – галиите, сериозно можат да ја загрозат безбедноста од поплави, со тоа да нанесат материјална штета и да ги загрозат животите и здравјето на граѓаните. Од друга страна, пак, расчистуваме со нешто што никогаш не било и никогаш нема да биде Скопје, а тоа е проектот ‘Скопје 2014’“, велат од Град Скопје.
Тој потсети дека дислокацијата на овој објект е втората активност што ја презема градот, по отстранување на споменикот на Ќосето, а е во рамките на неговите ингеренции.
„Јас очекувам дека и во иднина ќе се создаваат услови, без да имаме финансиски импликации по буџетот на градот или по буџетот на централната власт, да ги отстраниме овие објекти од коритото на реката Вардар. Веќе ги отстранивме фундаментите од таканареченото Панорамско тркало, сега го отстрануваме и бродот што се наоѓа непосредно до Панорамското тркало, со што ги спречуваме можните последици и го враќаме ликот на градот“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сите гледаат ски скокови за да видат кој ќе победи, само СДС следат дали ќе ги видат Заев и Филипче во публика во Гармиш-Партенкирхен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Чудно како СДС избегнаа да го спомнат Гармиш-Партенкирхен и заборавија да одговорат дали во моментов Венко Филипче таму изиграва елита со неговиот лидер Зоран Заев? Сите гледаат ски скокови за да видат кој ќе победи, само СДС следат дали ќе ги видат лидерот Зоран Заев и неговиот намесник Венко Филипче во публика“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се надеваме дека Филипче им кажал на СДС во колку почнуваат скоковите, за да може нивните од СДС да го видат како се радува до нивниот лидер Зоран Заев.
А интересно е што од се што можеа тие се фатија за парите на златната виза од Дубаи на Венко Филипче, веројатно затоа што точно знаат колку чини, односно им кажал колку ја купил и дали е врзана за 42-катницата, но како што признаа дека ја поседува и дека ја платил, кај да е ќе кажат и колку имот поседува во Дубаи.
За Харис нема што да додадеме верните фанови од СДС верно му ги следат настапите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Николоски: После повеќе од 60 години Охридскиот аеродром е легализиран
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека аеродрoмот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран.
„На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава вест дека охридскиот аеродром кој оперира уште од 1970-тите години конечно е легализиран!
Изминатава година тим од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ, заедно со Катастар, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други владини институции посветено работеше конечно да се впише Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во катастар и конечно овој стратешки објект да добие имотен лист.
Во нормални услови ова воопшто не би било вест, но после толку години негрижа и запоставување на државниот капитал сметам дека е важно да се запознае јавноста.
Во следниот период ќе работиме на модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром со цел да привлечеме нови туристи“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Зајкова: Во новата година посакувам храброст, достоинство и правда за држава со вредности, а не само со процедури
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи на македонските граѓани во новата година им посака храброст, достоинство и правда, за да имаме држава со вредности, а не само со процедури.
„Драги пријатели, сограѓани, зад нас оставаме година во која корупцијата не беше само вест, туку сурова реалност која во Кочани чинеше животи. Гледавме како реформите стануваат козметика, а законите се менуваат побрзо од календарот. Додека институциите брзаа со ‘итни’ и ‘скратени’ постапки, вистинското подобрување на животот на граѓаните остана во чекалната. Администрацијата е изгубена во хаос поради брзи неусогласени закони, судството во лажни ветувања, а довербата – е во колективна амнезија“, пишува Зајкова во својата објава.
„Во 2026 година, посакувам: храброст – да не се навикнуваме на ненормалното; достоинство – да не бидеме само бројка во нечиј експеримент и правда – која не се купува и не се договара во 5 до 12. Нека новата година не биде уште една ‘скратена постапка’. Заслужуваме држава со вредности, а не само со процедури“, додава Зајкова.
„Среќна и борбена Нова 2026 година! Да ве служи сите добро здравје, среќа и да… со Македонија да се гордееме на Светското првенство во фудбал“, завршува Зајкова во својата честитка до граѓаните.

