Македонија
Мицкоски на средба со Орбан: Македонија да не биде заложник на криминалната власт на Заев
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски денеска во Будимпешта се сретнаа со премиерот на Република Унгарија и претседател на сестринската владејачка партија Фидеш, Виктор Орбан.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го информираше унгарскиот премиер за загрижувачката економска и политичка состојба, како и високиот степен на криминализираност на општеството која поминува неказнето и со отсуство на волја на македонската Влада да влезе во отворена битка против корупцијата. Воедно, Мицкоски на средбата посочи дека нема друг таков пример каков што е случајот со Заев каде премиерот се фали со остварено влијание и диктирањето на одлуки на Врховниот суд и обвинителството и без притоа да има каков било правен епилог, ниту разрешница за ваквиот скандал“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Со оглед на фактот што актуелниот комесар за проширување и добрососедска политика Оливер Вархелиј доаѓа токму од партијата на Орбан, додаваат од партијата, главна тема на разговорот беше инсистирањето и лобирањето на Мицкоски Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија.
„Граѓаните и државата не смеат да бидат заложници на погрешните и погубни политики на Зоран Заев и неговата влада, нема повеќе време за губење и е потребно да се даде датум за преговори, при што ВМРО-ДПМНЕ гарантира сериозен план по изборите за имплементација на мерки и реформи кои државата ќе ја стават на брза трака на патот кон Европската Унија, а воедно ќе се надополни изгубеното време”, рекол Мицкоски.
Тој побарал од Орбан како член на Европскиот Совет да се заложи во убедувањето на другите шефови на влади на земјите членки на Унијата да ѝ овозможат на Македонија датум за отпочнување на преговори. На средбата Мицкоски истакнал дека сега лобира за датум за преговори, а по датумот ветува силен капацитет на спроведување на реформи кои ќе ја остварат европската перспектива на државата.
„На средбата Мицкоски ја пренесе и загриженоста поради сериозниот атак кој го прави власта врз слободата на медиуми и ја органичува слободата на говор и спротивно мислење. Пресметката со неистомислениците говори за нискиот степен на демократски капацитет и стравот кај власта од претстојниот пораз на изборите. Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е отворена за градење мостови на соработка со Република Унгарија, со сите држави во Европската Унија и пошироко со цел остварување на заедничките државни и национални интереси“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ за време на еднодневната посета на Унгарија чија единствена агенда беше средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан изрази подготвеност за продлабочена соработка и развој на меѓусебните односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

