Македонија
Сончево и топло со температура до 23 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб северен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево и топло. Максималната температура ќе достигне 21 степен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одложени рочишта во Кривичниот суд поради неспроведување на притвореници – Утковски: Затворот има недостиг на возила и кадар

Во изминатите два дена, речиси сите насрочени рочишта во Основниот кривичен суд Скопје биле одложени, со навремена достава на покани до странките, поради тоа што од затворот во Шутo Оризари не биле спроведени притворените лица на закажаните рочишта.
Од Судот наведуваат дека меѓу одложените предмети имало и случаи од одделот за организиран криминал и корупција, со повеќе од десетина обвинети, за кои течат законски рокови за постапување. Судот нагласува дека мерката притвор е наменета исклучиво за обезбедување присуство на обвинетите и не смее да се претвори во казна.
Во писмото до директорот на затворот, Судот потенцира дека затворот е „сервис на судот“ и дека негова задача е да го обезбеди присуството на обвинетите. Судот очекува ваквата ситуација повеќе да не се повторува.
Директорот на КПУ Затвор Скопје, Бобан Утковски, информира дека проблемите се последица на ограничениот број возила и намалениот број на вработени во Затворската полиција. Тој наведува дека на 18 август биле планирани 12 спроводи, од кои биле реализирани 8, а на 19 август од 19 планирани, биле реализирани 16.
Утковски појаснува дека Затвор Скопје врши спроводи не само за Основниот кривичен суд Скопје, туку и за сите судови и обвинителства низ целата држава, вклучувајќи ги Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Велес, Штип, Битола, Охрид и Кочани, при што постапува согласно можностите и капацитетите.
Македонија
Царината заплени тутун за наргиле кај Блаце во вредност од 13.000 евра, возачот забрзал кон рампата за да ја избегне контролата

Царинската управа заплени 78 килограми тутун за наргиле со пазарна вредност од 810.698 денари, односно 13.000 евра. Против едно лице е поднесена кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство поради основано сомневање за сторено кривично дело криумчарење и спречување службено лице во вршење службено дејствие, казниви по Кривичниот законик.
Случајот е откриен на влез во државата, на граничниот премин Блаце, при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин. Лицето, со намера незаконски да ја избегне царинската контрола, одбило да го запре возилото пред царинскиот службеник и со зголемена брзина се упатило кон рампата, со што го попречило во извршување на службеното дејствие.
При запирањето на возилото, истото било селектирано за детална контрола, при што биле пронајдени 13 кутии со 312 лименки со вкупно 78 килограми тутун за наргиле. Со ова е спречен обид за пуштање во промет на акцизна стока за која не биле платени давачки во висина од 508.048 денари.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое по преземените предистражни дејствија поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство.
Македонија
„Супорт Кочани“: Обезбедени над 4,5 милиони денари за засегнатите лица во трагедијата во Кочани

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ (SupportKocani) ја информира јавноста за состојбата со донациите и реализираната помош заклучно со 19 август 2025 година. Оваа иницијатива, која беше формирана веднаш по трагичниот настан на 16 март 2025 година во Кочани, продолжува да работи транспарентно, координирано и во интерес на сите засегнати лица и нивните семејства.
Еден од најважните сегменти на помошта е набавката на специјализирана компресивна облека, која е неопходна во долготрајниот процес на третман и рехабилитација на преживеаните од изгореници.
– прва пратка – 149 парчиња, во вредност од 923.458 денари;
– втора пратка – 43 парчиња, во вредност од 283.802 денара;
– трета пратка – 176 парчиња, во вредност од 2.193.047 денари.
Со овие три пратки досега се обезбедени вкупно 368 парчиња компресивна облека, кои веќе се испорачани и предадени на Општата болница во Кочани за користење од страна на преживеаните лица.
Дополнително, значаен дел од средствата се насочени кон директна поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, како и кон лицата што сè уште се хоспитализирани таму.
Досега се донирани 100 комплети T-LAB PRP KIT и 10 комплети Exomine SMART KIT, со вкупен износ од 267.000 денари, 4 пакувања протеини и 4 пакувања аминокиселини, со вкупен износ од 19.120 денари и сет кремови за подобрување на еластичноста на кожата, со вкупен износ од 53.428 денари.
Овие материјали се наменети за третман на рани, регенерација на кожата и подобрување на процесот на рехабилитација, со цел полесно и побрзо закрепнување на засегнатите лица.
Заклучно со 19 август 2025 година, вкупниот прилив на наменската сметка изнесува 4.594.345 денари.
– платени трошоци за банкарски провизии: 18.277 денари;
– вкупно реализирани средства: 3.758.805 денари;
– тековно расположлива состојба: 835.540 денари.
Сите донации се резултат на поддршката од хумани граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората, кои несебично се вклучија во оваа акција.
„Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и на секоја компанија, кои веруваа во оваа иницијатива и помогнаа од срце. Нашата работа не застанува тука – продолжуваме да бидеме тука за засегнатите лица и нивните семејства сè додека постои потреба“, велат од иницијативата „Супорт Кочни“.