Македонија
Бојан Јовановски во судница ја покажува скапата гардероба што му е одземена

Бојан Јовановски – Боки 13 на денешното рочиште за случајот „Рекет“ во судницата, застанат пред екранот, листа фотографии и „селфи“ од „Инстаграм“ за да докаже дека гардеробата што му е одземена од Обвинителството ја купувал уште во 2013 и 2014 година и дека истата не е купена со пари од рекет, како што се товари.
„Станува збор за фотографии од предмети што беа земени од Обвинителството и тоа претставува преседан“, започна Јовановски, по што беше прекинат од судијката рече Васка Николовска-Масевска: „Не сте тука да давате завршен збор”.
Тој продолжи со листање на фотографиите, опишувајќи кое парче гардероба му е одземено, а потоа на неговиот профил на „Инстаграм“ покажуваше на кој датум е објавена фотографијата.
„Еве на оваа фотографија се гледа ‘Луј Витон’ торба, фотографирана на 8 февруари 2013 година”, коментираше Јовановски, листајќи ги фотографиите.
Понатаму, рече тој дека има два модели очила марка „Том Форд“ во кафена боја, фотографирани на 10 февруари 2013 година.
Следуваа чевли „Луј Витон“, торба од марката „Фенди“, бродарици марка „Шанел“, шапка „Мисони“, очила за сонце „Шопард“, колан„Луј Витон“, кратки куси панталони марка „Дискверт“, шешир „Панама“, „Балман“ ленена блуза, „Џејкобс“ накит, „Том Форд“ очила, торба „Баленсиага“, која му била подарок од Марина Туцаковиќ, џемпер „Макси ко“, очила„Шанел“, торба „Ив Сент Лорен“, блуза марка „Диор“.
Тој сè уште во судницата ја набројува гардеробата што му била одземена, а за која тврди дека не била купена со пари од рекет.Прикажаните фотографии се направени во период од 2013 до 2019 година.
Денешното рочиште ќе продолжи со приложување докази од страна на осомничениот Јовановски. Како што е предвидено, осомничената Катица Јанева на денешното рочиште треба да ги предложи нејзините сведоци.
Искра Манојлоска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова и Мојсова најавија наплата на паркингот за гости во Карпош: Сите знаеме како е да кружиме околу зграда за слободно место

Кандидатките за градоначалнички на Скопје и на Карпош од СДСМ, Каја Шукова и Маја Мојсова, од Млечен ресторан денес најавија паметни паркинзи со дигитална наплата во оваа општина. Паркирањето на најголем дел од Карпош е бесплатно, но двете кандидатки за градоначалнички сметаат дека тоа не треба да остане така за да има повеќе места за паркирање на жителите.
„Денска сме во Карпош, општина што секојдневно се соочува со еден проблем, а тоа е паркирање. Сите знаеме како е да кружиме околу зградата по работниот ден барајќи слободно место, а коа ќе ни дојдат гости, уште поголем хаос. Во нашата програма паркирањето и урбанизамот се врвен приоритет. Воведуваме паметни паркинзи со дигитална наплата, зони на периферијата поврзани со јавен превоз и информации во реално време. Преку стратегијата ‘Скопје за сите’ обезбедуваме субвенциониран паркинг за семејствата со ниски приходи, пензионерите, младите невработени и секако лицата со попреченост“, рече Шукова.
Паркирањето таа ветува дека ќе го решава и со посебна стратегија „Скопје 2050“.
„Секој нов урбанистички проект ќе мора однапред да предвиди паркинг, зелени површини и простор за пешаци. Не по изградбата туку какао предуслов. Урбанизмот ќе биде транспарентен. Сите планови ќе бодат достапни онлајн со можност за јавни предлози. Ќе донесеме нов, строг и еколошки Генерален урбанистички план. Во првите две до четири години ќе ја изработиме стратегијата Скопје 2050, долгорочна визија за паметен и одржлив град со мешовити урбани зони и уредени јавни простори“, рече Шукова.
Мојсова се пожали дека денес изгубила многу време за да паркира кај Млечен, како што рече, нејзиното поранешно маало.
„Вртев половна час за да најдам паркинг место за да стасам тука. Сакаме Карпош да ја направиме самоодржлива општина. Што значи соамоодржлива? Тоа значи дека ние ќе стопанисуваме со паркингот, ќе треба да се исцртаат паркинг местата, ќе треба да знаеме точно колку паркинг места има во општина Карпош, но сето тоа ќе мора да биде и со некакво субвенционирање за граѓаните на Карпош, а за посетителите ќе биде со наплата. Тоа значи дека ќе работи по принципот на ПОЦ. Немањето паркинг секогаш е поврзано со неноранлата урбанизација, која во суштина ги прави овие проблеми. Кога ќе се сетам на минатото тука секогаш сум можела да најдам паркинг, сега не. И тоа не е најголемиот проблем, ова е првиот дел кој се граничи со општина Центар, кој е бесплатен и нормално сите посетители кои одат во Центар и кои што треба да плаќаат паркинг, тука наоѓаат бесплатен паркинг. Некако ќе мораме да го решиме тој проблем, граѓаните на Карпош се пред сите граѓани во оваа општина, да си го најдат паркинг местото и да доаѓаат без нервози дома“, рече Мојсова.
Им вети на карпошани дека повеќе урбанизација нема да има во тој дел на општината, односно нема повеќе да дозволува на местото на куќите кои се останати да се прават згради, а не ја исклучи и можноста паркирањето да се решава со монтажна гаража.
Македонија
Муцунски – Плаколм: Поддршка од Австрија за проширувањето на ЕУ

Денеска, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, министерот Тимчо Муцунски оствари средба со министерката за Европа, интеграција и семејство на Република Австрија, Клаудиа Плаколм, која престојува во работна посета на нашата земја.
Во фокусот на разговорите беа актуелните прашања поврзани со европската интеграција и напредокот на државата во процесот на пристапување кон Европската унија.
Министерот Муцунски ја реафирмираше стратешката определба за членство во Унијата, нагласувајќи ја посветеноста кон спроведување на реформите, унапредувањето на регионалната соработка, добрососедските односи и придонесот кон стабилноста и мирот во регионот.
На средбата беше потврдена и континуираната поддршка на Австрија за проширувањето на Европската унија и нејзината важна улога во поттикнување на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Двајцата соговорници ги потврдија одличните билатерални односи меѓу двете држави, при што изразија подготвеност за нивно понатамошно унапредување, со посебен акцент на продлабочување на трговската и економската соработка.
Македонија
Помошник на министерот за внатрешни работи незаконски зел надоместоци за прекувремена работа и бонус плата

Полицијата поднесе кривична пријава против помошник на министерот за внатрешни работи, раководител на Одделот за дисциплински и судски постапки, затоа што незаконски зимал надоместок за прекувремени работни часови како и една бонус плата со што го оштетил буџетот на МВР за над 100.000 денари.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Љ.Р. поради постоење на основи на сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување.
Пријавениот, како помошник на министерот за внатрешни работи, раководител на Одделот за дисциплински и судски постапки, ја искористил својата службена положба или овластување, односно ги пречекорил границите на своето службено овластување.
Тој за месеците јуни, јули, август, септември, ноември и декември 2023 година, врз основа на списоци за евиденција на прекувремени работни часови и листа на работници од Одделот за дисциплински и судски постапки кои ги исполнуваат услови за исплата на бонус плата за 2023 година која лично ја одобрил, во отсуство на писмени наредби за реализирани часови работа со кои бил задолжен да извршува работи и задачи повеќе од полното работно време, се стекнал со парични средства на име работа подолга од полното работно време во износ од 80.134 денари и бонус плата за 2023 година во износ од 36.614 денари или вкупна противправна имотна корист во износ од 116.748 денари на штета на буџетот на МВР.