Македонија
Владата: Се затвораат ски-центарот во Маврово и граничните премини Џепиште – Требиште и Блато кон Албанија
Владата на денешната 18. седница го разгледа записникот од петтата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 13 март 2020 година, во врска со потребата од преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот (Ковид-19) и во согласност со предлозите изнесени во расправата на седницата со цел превенција и ширење на овој вирус усвои неколку заклучоци.
Како што информира Владата, усвоен е записникот од петтата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 13 март 2020 година, односно го прифати предлогот и донесе одлука за постоење кризна состојба на дел од територијата на земјава заради спречување внесување и ширење на коронавирусот (Ковид-19). Периодот за постоење кризна состојба на дел од земјава, заради спречување внесување и ширење на коронавирусот (Ковид-19), а со цел обезбедување заштита на здравјето на населението на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, е најмногу до 30 дена.
Одлуката за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување внесување и ширење на коронавирусот (Ковид-19), треба да се достави до претседателот и до Собранието.
За операционализација на одлуката за постоење кризна состојба на дел од територијата на земјава, заради спречување внесување и ширење на коронавирусот (Ковид-19), Владата му предлага на претседателот да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справување со кризната состојба. Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да почне со подготовка на акциски план за превенција и справување со настанатата ситуација на подрачјата на општините, со целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план на координирано дејствување во кризните подрачја.
Се задолжуваат Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за надворешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со сите други засегнати државни институции да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси што може да се стават во функција на справување со настанатата состојба. Се задолжуваат Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи до крајот на денот да номинираат членови на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи.
Владата донесе одлука за забрана и посебен режим на движење на дел од територијата на Република Северна Македонија на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, со која се уредува мерката забрана за движење, односно влез и излез од подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, како и мерка за воведување посебен режим на движење на населението внатре во овие подрачја.
Посебниот режим на движење на населението внатре во овие подрачја да го утврди Главниот штаб при Центарот за управување со кризи во акцискиот план за спречување внесување и ширење на коронавирусот (Ковид-19).
Се задолжува Министерството за здравство – Комисијата за заразни болести, да издаде препораки/протокол за тоа како и на кој начин да се одвиваат движењата на превозниците во и од Република Грција за дотур на нафта и нафтени деривати, како и во подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, на кои е прогласена кризна состојба, односно како и на кој начин преку соодветни мерки тие да се заштитат. Дополнително, во протоколите/препораките од Комисијата за заразни болести да бидат опфатени сите превозници (гипс и гипсени производи, превоз на храна и други производи), кои ќе вршат дотур преку влез и излез на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа.
Се задолжуваат Министерството за транспорт и врски и Царинската управа на дневна основа да ја информираат јавноста кои гранични премини се отворени за премин. Да се затворат граничниот премин Џепиште – Требиште и граничниот премин Блато, како и да се затвори скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ – с. Маврово – Маврови Анови.
Во согласност ова, Владата донесе одлука за дополнување на одлуката за мерки за спречување внесување и ширење на коронавирусот (Ковид-19). Жителите од подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, кои се надвор од територијата на овие општини, може да се вратат во своите домови на 13.3.2020 година до 00.00 часот на полноќ.
Се задолжуваат Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД да извршат координирани вонредни инспекциски надзори на сите економски оператори што продаваат средства за заштита од коронавирусот во согласност со мерките, препораките и насоките на Владата. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да определи едно лице, кое ќе биде задолжено во случај на потреба од интервенција при вршење на овие вонредни инспекциски надзори од страна на инспекторатите. Се задолжува кабинетот на заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, редовно, на дневна основа, до 12 часот да го информира претседателот на Владата за извршените инспекциски надзори од страна на сите инспекторати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.
Македонија
Скопје повторно ќе пулсира во ритамот на виното со Винодонија 2025
Винодонија 2025 – најпрестижниот вински настан во Македонија и годинава ветува незаборавно искуство за сите љубители на виното. Деветтото издание на салонот ќе се одржува денеска и утре во Скопје, а посетителите ќе имаат можност да ги вкусат најдобрите вина од земјата и од странство, додека 15 гастро-изложувачи ќе ги надополнат елегантните вински моменти со ексклузивни деликатеси.
-Салонот ќе биде винска сцена за споделување на вкусови, емоции и моменти, идеално место за уживање во најдоброто од виното пред крајот на годината. Со внимателно одбран амбиент, богата програма и вински ритуали што ги слават сетилата, Винодонија 2025 воедно е и покана за достоинствено затворање на годината – со чаша вино во рака и со друштво што знае да препознае вкус и вредност. Со повеќе од 75 вински брендови кои ќе изложат над 500 вински етикети, Винодонија 2025 ветува незаборавно винско патување, најавуваат организаторите.
Интернационалниот карактер на Винодонија 2025 се огледува во присуството на винари и експерти од различни земји, кои ќе ги споделат своите најдобрите вина и најнови трендови во светското винарство. Оваа година, покрај македонските вина кои ја раскажуваат приказната на нашите лозја, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и врвни вина од регионот и пошироко.
Водечкиот карактер на Винодонија 2025 ќе дојде до израз и преку едукативните работилници и предавања. Еминентни експерти од винската индустрија ќе споделат свои знаења на специјални мастер-клас дегустации и интерактивни сесии, кои се наменети за сите – од искусни вински познавачи до оние кои сакаат да ја продлабочат својата љубов и разбирање за виното.
Македонија
Магла кај Ресен и Удово, видливоста е намалена
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла до 50 метри има кај Ресен и Удово, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

