Македонија
МВР: Засилени контроли во спроведувањето на мерките против коронавирусот
Министерството за внатрешни работи формира кординативно тело за спроведување на мерките поврзани со состојбата со Ковид-19.
„Полициските службеници вршат и ќе вршат засилени контроли во врска со спроведувањето на мерките што ги презема Владата со цел справување со проблемот со Ковид 19. Апелираме до сите граѓани да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречување на ширењето на корона вирусот. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Од таму велат дека се преземаат соодветни мерки и активности и за заштита на своите вработени преку набавка на средства за дезинфекција, заштитни ракавици и други средства за сите полициски службеници.
„Вработените во МВР да ги редуцираат контактите со странките во делот на постапки и услуги кои не се итни и кои не се ограничени со рокови. Секогаш кога е тоа возможно да се користи електронска комуникација, а при директна комуникација со странки да се користи соодветна заштита односно да се почитуваат препораките на Министерството за здравство“, препорачува МВР до вработените.
Во постапка е отварање на телефонска линија на која граѓаните ќе добиваат информации за услугите на МВР, со цел да се одбегне доаѓањето во институцијата доколку тоа не е неопходно и за тоа соодветно ќе ја информираме јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.

