Македонија
МВР: Безбедносната состојба во Дебар и Центар Жупа е стабилна

Во Дебар и Центар Жупа, безбедносната состојба во изминатото деноноќие поминала стабилно.
Од МВР велат дека во текот на ноќта, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, нема кражби или други имотни деликти.
Полициски службеници, согласно оперативниот план, вршеле обиколка и контрола на угостителски и други јавни објекти во двете општини и приградските населби (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на коронавирусот, што ги презема Владата.
На терен, се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго е забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблеми се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
„Упатуваме апел до сите граѓани на Дебар и Центар Жупа, но и до граѓаните на општините Струга, Охрид и Кичево, строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик“, наведе МВР преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Систем за влез/излез од ЕУ: За што сè треба да се подготват патниците

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека почнувајќи од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе започне со постепено воведување на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде целосно имплементиран до април 2026 година.
Овој нов дигитален систем претставува една од најзначајните реформи во областа на граничното управување на ЕУ, заменувајќи го досегашното ставање печати во пасошите со електронска евиденција на биометриски податоци (фотографија и отпечатоци од прсти), како и точни записи за датумите на влез и излез.
За кого важи системот?
EES се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена). Тоа ги опфаќа:
- патниците кои се ослободени од виза за влез во ЕУ,
- патниците кои поседуваат виза за краток престој.
Граѓаните на земјите-членки на ЕУ и на Шенген зоната не подлежат на новиот систем.
Земји каде ќе се применува EES
Системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Кои се целите на воведувањето?
Со EES, Европската Унија има за цел:
- да ја зголеми безбедноста на граѓаните, преку подобро откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами,
- да ја подобри борбата против криминалот, тероризмот и нелегалната миграција,
- да го олесни патувањето преку побрзи и поефикасни гранични проверки,
- да обезбеди прецизна дигитална евиденција за времетраењето на престојот, елиминирајќи можни недоразбирања кои порано настануваа со рачните печати.
Како ќе функционира системот?
При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации.
При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка.
Период на транзиција
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази. Тоа значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Заштита на личните податоци
Сите податоци ќе се обработуваат и чуваат согласно строгите стандарди на Европската Унија и Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR). Со тоа се гарантира целосна заштита на приватноста и транспарентна употреба на собраните информации.
Апел до граѓаните
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани на Република Северна Македонија кои планираат патувања во земјите на Шенген зоната да се информираат за новите правила и постапки, со цел нивните патувања да бидат навремени, безбедни и без непотребни доцнења.
Македонија
Отворена бесплатната телефонска линија за пријавување повреда на избирачкото право

Од денес, среда 1 октомври, во канцеларијата на Народниот правобранител почна да функционира бесплатна телефонска линија 0800 54321, на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на нивните права, како за време на одржување на кампањата, така и на деновите на одржување на првиот и вториот круг од Локалните избори 2025 (19 октомври и 2 ноември 2025 година).
Од таму велат дека по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, а сите поплаки кои ќе стигнуваат по завршување на работното време, по 16 часот, ќе бидат снимени.
„Народниот правобранител во функција на заштита и остварување на избирачкото право на граѓаните ќе постапува во најкраток рок до надлежните органи и до другите институции, со барање да постапуваат брзо и ефикасно во процесот на изборите со цел да им обезбедат остварување на загарантираното право на граѓаните“, велат од таму.
Исто така, за пријавување на повреди граѓаните можат да се обратат и во шесте подрачни канцеларии секој работен ден од 8 до 16 часот, на следниве телефонски броеви – Подрачна канцеларија во Струмица 034 329-996, Подрачна канцеларија Кичево 045 228-586, Подрачна канцеларија Тетово 044 344-082, Подрачна канцеларија Битола 047 242-310, Подрачна канцеларија Штип 032 389-701 и Подрачна канцеларија Куманово 031 431-488.
Македонија
Лакордов: Југоисточна Европа ги здружува силите против организираниот криминал

Нашата цел е јасна – заеднички да идентификуваме и пресретнеме високоризични пратки и патници преку аеродроми, копнени граници и пристаништа во регионот. Криминалните мрежи не познаваат граници, и затоа мораме да делуваме преку координирани акции засновани на темелни проценки, докази и најдобри меѓународни практики, истакна помошник директорот на Царинска управа за контрола и истраги, Влатко Лакордов, на регионалниот состанок на фокални точки и координатори на Меѓуагенциските гранични единици од Југоисточна Европа, во рамки на Заедничката акција на Европската Унија и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за промовирање на владеењето на правото и доброто управување преку засилени мерки за гранична контрола на пристаништа и аеродроми во регионот.
„Овие предизвици бараат од нас да бидеме не само контролен орган, туку и аналитички, превентивен и оперативно-ефикасен безбедносен систем. Соработката не е опција – таа е предуслов за успех“, истакна Лакордов.
Преку навремена реакција на Меѓуагенциските гранични единици, додаде тој, само во делот на заложбите за спречување нелегална трговија со тутун и тутунски производи на граничен премин Меѓународен аеродром Скопје запленети се 682 штеки цигари, 29 килограми тутун за наргиле и 18 килограми режан тутун од патници кои се обиделе нелегално да ги пренесат кон Лондон.
Во два последни случаи, преку профилирање на сомнителни патници и размена на информации, спречени се обиди за шверц на вкупно 162 штеки цигари, кои требало да бидат пренесени кон Лондон преку аеродромите во Белград и Приштина.