Македонија
Манчевски: Намалување на администрацијата за 20 отсто и укинување на патните трошоци за пратениците

Ред, правда и дисциплина во сите институции во новиот мандат, намалување на администрацијата за 20 осто, како и укинување на патните трошоци за пратениците, најави денеска на прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Тој оцени дека структурата на институците и нивната поставеност е далеку од оптимална и создава бесконечни лавиринти.
„Наместо да ги штитат правата на граѓаните и да ја помагаат економијата, стануваат нивни кочничари. Затоа во новиот мандат фокусот ќе ни биде ова да го промениме, со промени во струкурата, квалитетот и големината на администрацијата. Ја намалуваме администрацијата за 20 проценти. Во администрацијата ќе работат тие што се подготвени да им служат на граѓаните и уште годинава започнуваме целосна реорганизација на јавниот сектор“, рече Манчевски.
Тој најави нов концепт за средниот менаџмент, со јасни критериуми за назначување и разрешување, појаснувајќи дека повеќе нема да има раководители до пензија.
„За вработените во администрацијата се предвидени повисоки плати, но како награда за резултат, како и унифицирање на платите за иста работа. Тие носат индивидуална одговорност, но ќе бидат оценувани како тим“, рече Манчевски.
Потпретседателот на СДСМ најави и укинување на патните трошоци за пратениците во Собранието, коментирајќи дека системот на патни трошоци покажал можност за злоупотреби и затоа ќе го променат од корен.
„Воведуваме законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во извршната, локалната и судската власт. Ќе донесеме измени во Кривичниот законик со кои ќе се заостри казнената политика за дела поврзани за носители на функции. Ќе ги намалиме привилегиите на јавните функционери, а со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата“, додаде Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“: Ќе продолжиме да ја зајакнуваме демократијата, еднаквоста и европската перспектива на нашата земја

„Денес го одбележуваме еден од најважните датуми во историјата на државата – 8 Септември, Денот на независноста, кој денес е празник на сите граѓани на нашата земја“, велат од „Влен“.
Ова е моментот кога граѓаните на оваа земја го избраа патот на суверенитет и ги поставија темелите на слободна и независна држава. Но, нашата современа историја не може да се разбере без да се спомене и Охридскиот договор, кој ѝ даде на државата димензија на еднаквост и ја направи заеднички дом за сите граѓани. Независноста и еднаквоста се двата столба врз кои се гради нашата заедничка иднина.
По тој повод, ВЛЕН им го честита Денот на независноста на сите граѓани, со целосна увереност дека заедно ќе продолжиме да ја зајакнуваме демократијата, еднаквоста и европската перспектива на нашата земја“, се додава во честитката на „Влен“.
Македонија
Ахмети: Никаква опасност, на ниту еден Македонец, а уште помалку на нашата држава, не и се заканува од еднаквоста со Албанците

„Годишнината од прогласувањето на независноста на Северна Македонија е секогаш повод да рефлектираме за тоа како беше, како е и како треба да биде“, вели претседателот на ДУИ, Али Ахмети по повод Денот на независноста, 8 Септември.
„Уставот од 1974 година беше изменет во 1989 еднострано, со што Албанците беа лишени од државотворниот статус и овој момент претставува застојна пресвртница во земјата.
Потоа, во 1991 година, Албанците повторно беа исклучени и не беа дел од процесот на осамостојувањето на Македонија од поранешна Југославија, ниту пак беа акционери во изградбата на новата држава.
Така, беше изготвен дискриминаторски устав со кој се промовираше етничката супериорност на мнозинството врз Албанците и нивните заедници.
Во тоа време, неодговорни политичари го пропагираа архаичниот наратив „Македонија на Македонците“.
Се пропагираше постојаната невистина дека злото на земјата доаѓа од Албанците.
Тие владееја неодговорно преку инсталирање на непостоечки страв од „опасноста што и се заканува” на земјата од Албанците.
Овие погрешни политики завршија во 2001 година, кога Албанците и Македонците се здружија за да ја обноват Македонија, рамноправна и евроатлантска, преку спроведување на Охридскиот мировен договор, гарантиран од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Новиот Устав, со сите политички препреки низ годините, беше основа за рамноправност, етничка, јазична, културна, образовна, со почитување на националните симболи и со распределба на општествените одговорности.
Овој нов начин на размислување, на соживот, взаемно почитување и еднаквост, го спроведе Охридскиот договор, ја придружи земјата во НАТО и ги започна преговорите за членство во Европската Унија.
Но, сограѓани, денес сведочиме заедно дека не само што се враќаме само на истиот наратив, туку и на секојдневни делувања, кои што го поткопуваат соживотот и Охридскиот Договор, меѓуетничките односи, еднаквоста и досегашните заеднички достигнувања.
Моменталните партиски придобивки со антиалбанска кампања претставуваат неуспех за заедничката држава.
Партијата добива, државата губи! Почитувани Македонци, никаква опасност, на ниту еден Македонец, а уште помалку на нашата држава, не и се заканува од еднаквоста со Албанците.
Повторувам, Албанците сакаат унитарна, еднаква држава, интегрирана во НАТО и Европската Унија. Сè друго што го слушате постојано од Македонската политичка елита, е невистина.
Оваа годишнина, ги поканувам македонските политички лидери од целиот политички спектар да ја напуштат политиката на инсталирање на погрешна перцепција кај Македонците за Албанците и соживотот, да демонстрираат лидерство, да се вратат на патот на почитувањето на политичката волја на нивните сограѓани Албанци на избори, да се залагаат за еднаквост и спроведување на духот на Охридскиот договор и заедно да го следиме европскиот пат“, напиша Ахмети.
Македонија
(Фото) Започна увидот во опожарената фабрика во Виница

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани го започна увидот по настанатиот пожар во фабриката „Макпрогрес-Винчини“ во Виница.
Увидните дејствија ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи се уште има жаришта кои тлеат.
Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица која не беше зафатена од огнот.
Во текот на утрешниот ден на увид на лице место е повикано и вешто лице – електроинжинер.
Во меѓувреме, обезбедени се снимки од видео надзор и се преземаат други дејствија за испитување на настанот, извести ЈОРМ.