Македонија
Адвокатската комора бара да се одложат сите судски рочишта, освен итните постапки
Адвокатската комора бара да се одложат сите судски рочишта, освен итните постапки односно предметите со времени мерки и притворските предмети.
Во допис испратен до Владата, Министерството за правда, Врховниот суд и Министерството за здравство, адвокатите бараат воведување на мерки за претпазливост и заштита од коронавирусот во правосудниот систем.
„Адвокатската комора на РСМ брои околу 5.000 членови – адвокати, адвокатски стручни соработници и адвокатски приправници. Истите, секојдневно вршејќи ги своите работни ангажмани, се движат со голема динамика. Во текот на дневното работење, пред судовите се закажани огромен број на рочишта по разни предмети, посебно во граѓанските судови, што изнесува околу 1.000 судења на ден. Конкретно, според податоците објавени само на веб страната на Основниот граѓански суд Скопје, за ден 16.03.2020 година за период од 08.30 до 10.30 часот се закажани 100 рочишта. Тоа значи дека само за наведениот период од 2 часа во Основниот Граѓански суд Скопје циркулираат најмалку 500 лица (адвокати, судии, записничари, странки, сведоци и други). Имајќи го предвид наведеното, очигледно е дека во текот на денот на територијата на државата се одржуваат илјадници судења, на коишто присуствуваат повеќе илјади лица кои се во меѓусебен контакт“, се наведува во дописот.
Од Адвокатската комора велат дека ситуацијата е безмалку иста и во кривичните судови, од причина што и таму има предмети со повеќе обвинети, повеќе бранители и повеќе сведоци. Вообичаено, според карактерот на судењата, истите траат подолго.
Посебен проблем, според нив, претставуваат контактите со притворените лица, особено при доведување на притворените лица и нивен контакт со другите учесници во кривичните постапки.
„Ваквата ситуација доведува до голема опасност да коронавирусот се рашири и во казнено поправните установи, кое нешто сметаме дека би претставувало голема опасност, дотолку повеќе што лицата кои издржуваат казна затвор во КПУ немаат соодветен лекарски третман за ваков вид на болести“, пишува во дописот.
Исто така, во него се истакнува дека адвокатите за обавување на својата дејност се движат надвор од градовите каде што живеат, и притоа стапуваат во контакт со голем број на луѓе државјани на РСМ или странци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денес до сабота престојува во официјална посета на земјата.
Бегај денеска ќе се сретне со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, каде што ќе му биде приреден свечен прием. Предвидено е албанскиот претседател заедно со делегацијата да ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посети на Тетово, за која информираше градоначалникот Билал Касами во објава на Фејсбук.
„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“, напиша Касами во објавата.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

