Македонија
УНИЦЕФ: Не е наша препораката дека со гаргара со топла вода и сол се уништува коронавирусот

Фондот за деца при Обединетите нации – УНИЦЕФ демантира дека стои зад информацијата оти со гаргара со топла вода и сол се уништува коронавирусот.
„Иако многу луѓе споделуваат информации за вирусот и за тоа како да се заштитиме од него, само некои од тие информации се корисни и проверени. Вчера видовме информација која широко се распространи преку социјалните медиуми, во која УНИЦЕФ беше наведен како извор. Информацијата почнува со давање совет за користење маски и завршува со препорака да се прави гаргара со топла вода и сол за да се уништи вирусот во грлото. Тоа не е вистина. УНИЦЕФ не е извор на оваа информација“, велат од таму.
Во соопштението се наведува дека сите информации што УНИЦЕФ ги споделува се објавуваат на локалната веб-страница unicef.mk, на глобалната веб-страна unicef.org и преку социјалните медиуми „Твитер“, „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Јутјуб“.
„Ги поттикнуваме оние што веќе ја споделиле оваа информација да ги поправат своите објави така што ќе ја избришат информацијата и ќе ги известат своите мрежи дека информацијата не е точна и не доаѓа од УНИЦЕФ“, се наведува во соопштението.
УНИЦЕФ ги охрабрува сите да бидат претпазливи и одговорни кога станува збор за споделување информации со тоа што секогаш ќе проверат дали таа доаѓа од проверен извор, како што се Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.
„Одговорноста да се заштитиме себеси и другите вклучува и одговорност да провериме дали споделуваме информација од сигурен извор. Ширењето дезинформации во време на здравствена криза ги прави луѓето незаштитени и поподложни на болеста, дополнително ширејќи параноја, страв и стигматизација“, велат од УНИЦЕФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Ќе го прифатиме секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за економија и труд, заменик-министерот за економија и труд, државниот секретар во Министерството за финансии и советникот во Кабинетот на претседателот на Владата одржа средба со претставници на синдикатите.
Се разговараше за минималната плата, колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог“, велат од Владата.
Македонија
Утре променливо облачно време со локален дожд попладне

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег.
Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на стабилно и топло време, освен утре и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.