Македонија
Учениците од Центар ќе учат онлајн, наставници ќе одржуваат часови на телевизија

На денешната работна средба на градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, со директорките на основните училишта, се договорија начинот и моделите за продолжување на наставниот процес по електронски пат.
Платформите Edmodo и Google classroom, како и веб-страниците на училиштата, имејлинг-листите, вибер- и фејсбук- групите се моделите што општинските основни училишта ќе ги користат за настава од далечина.
„Она што е многу важно е што учениците, покрај материјалите, ќе добиваат и задачи со точно утврдени рокови за изработка и доставување до наставникот по електронски пат. Обработки на лектири, тематски проекти, математички и логички задачи и проблеми, есеи, се дел од обврските на нашите ученици во овој период на домашен престој“, соопштија од Општината.
Целта на ваквиот начин на учење, додаваат од таму, е да не се изгуби континуитетот на наставата и учењето, а во исто време да се пополни слободното време на децата со активности соодветни на возраста.
Секој одделенски раководител ќе ги известува своите ученици за обврските што ги имаат и начинот на кој ќе работат.
На денешниот состанок формиран е и тим од наставници од општинските основни училишта, кои ќе се вклучат во образовната програма на МОН и МРТ и ќе одржуваат часови на телевизија во живо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.