Македонија
ТАВ Македонија: Трипати дневно се врши дезинфекција на скопскиот аеродром
ТАВ Македонија како аеродромски оператор уверува дека се следат и почитуваат сите мерки воведени досега за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот.
„Површините на Меѓународниот аеродром Скопје се дезинфицираат трипати дневно, со соодветни средства за дезинфекција, додека пунктовите каде што најмногу се задржуваат патниците, како што се шалтерите за пријавување и безбедносната контрола, исто така се дезинфицираат трипати дневно, со соодветни средства за таа намена“, информираат од ТАВ Македонија.

Дополнително, како што посочуваат, поставени се средства за дезинфекција на рацете за патниците на неколку клучни точки: кај шалтерите за регистрација, кај пунктот за безбедносна контрола (при излез од државата, веднаш по пасошката контрола), како и во делот „пристигнувања“ (при влез во државата, во близина на пасошката контрола)“
Од аеродромот ги замолуваат сите патници да одржуваат највисоко ниво на лична хигиена и да не создаваат непотребен метеж, држејќи ја препорачаната дистанца едни од други којашто важи за затворените простории, согласно мерките на Владата.

„Тоалетите, каде што патниците можат да ги измијат рацете со сапун, се лоцирани на повеќе места во аеродромот: во салата во терминалната зграда, на пристигнување и заминување, при излез од државата, по пасошка контрола, во близина на портите (гејтови), при влез во државата, по пасошката контрола, во делот каде што се чека багажот“, информираат од операторот.
ТАВ Македонија порачува дека им стои на располагање на сите патници во врска со какви било прашања.
„Од 8 до 16 часот, во работни денови, можете да нè контактирате на е-пошта: [email protected], како и во пораки на нашата фејсбук-страница, додека во секое време можете да се јавите на шалтерот за информации кој работи 24/7, на телефонскиот број + 389 2 3148 333. Во врска со летовите, како што веќе апелиравме минатата недела, со оглед на тоа што ситуацијата со коронавирусот се менува од ден на ден. Ве замолуваме да ги следите последните објави за вашите летови на веб-страниците на авиокомпаниите и да ги контактирате нивните оддели за клиенти“, велат од аеродромскиот оператор преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.
Македонија
(Видео) Мечка со две младенчиња прошета пред планинари на Шара, во следните 2 години ќе учат од мајката како да преживуваат
Националниот парк „Шар Планина“ објави снимка направена од планинари, кои на високите планински пасишта наидоа на кафеава мечка со две мечиња родени на почетокот на 2025 година. Сцената, иако кратка, открива многу за однесувањето на овој строго заштитен вид.
Во видеото малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат – типично однесување за мечките, кои природно ги избегнуваат луѓето. Од Националниот парк објаснуваат дека младенчињата во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и да се приспособуваат во дивината.
Зошто мечките се појавуваат почесто оваа година?
Од паркот велат дека жителите на шарпланинските села имале повеќе средби со мечки од вообичаено. Причината, според нив, најверојатно е лесно достапната храна околу дивите депонии и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината. Мечките не „спијат зимски сон“ целосно – туку паѓаат во длабок мир од кој можат да се разбудат и да го напуштат леглото доколку се вознемират или ако времето е невообичаено топло.
Како да избегнете средба?
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење. Избегнувајте густи грмушки. Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка? Не се обидувајте да фотографирате мечка. Привлекувањето мечка е опасно и има контраефект!
Што да направите ако видите мечка?
Застанете мирно. Со смирен, гласен говор направете да ве забележи. Не трчајте! Трчањето може да предизвика реакции на потера. Полека движете се настрана, без нагли движења. Обидете се да изгледате поголеми: исправете се, кренете ги рацете. Разговарајте смирено за мечката да препознае дека сте човек. Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу. А ако видите младенче? Секогаш има мајка во близина — повлечете се полека и смирено. Ако мечката се подигне? Тоа не е напад! Само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Што ако дојде до напад?
Легнете на земја, со рацете зад вратот. Престанете да се движите и симулирајте неподвижност. Почекајте мечката да се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност: Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри. Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
Кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме сите за безбедноста и на природата и на луѓето. Шар Планина е дом – да ја чуваме заедно, порачаа од Националниот парк.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.

