Економија
Црвениот крст во соработка со „Пивара Скопје“ формира мобилни тимови за поддршка на ранливи категории граѓани
Од утре (18 март), Црвениот крст на Град Скопје, во соработка со „Пивара Скопје“, почнува со реализација на активност наменета за обезбедување логистичка поддршка на ранливи целни групи на територија на главниот град.
Во функција ќе бидат ставени 10 мобилни тима, кои ќе бидат на пет локации во градот, како и дополнителен тим за бездомните лица, лоциран во Момин Поток.
Мобилните тимови ќе функционираат секој работен ден, од 8.30 до 12.30 часот, а нивната задача ќе биде да извршат неопходна набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и да ги достават до домовите на старите, изнемоштени лица што живеат сами, хронично болните лица, до семејства со лица со посебни потреби, самохрани родители и други ранливи категории граѓани што живеат во Скопје.
Целта на оваа активност е да им се овозможи поддршка на лицата на која таа им е најнеопходна, со што тие нема да имаат потреба да ги напуштаат своите домови и на тој начин да се намали ризикот од инфицирање со вирусот Ковид-19 (коронавирус).
Мобилните тимови ќе бидат составени од две лица од тимот за одговор при катастрофи, еден член од тимот за логистика и едно обучено лице за давање основна медицинска помош (парамедик). Сервисната услуга што ќе ја обезбедуваат мобилните тимови ќе биде бесплатна, а граѓаните ќе одвојат финансиски средства само за артиклите или лековите што ќе треба да им се набават. Трошоците за функционирање на мобилните тимови ќе бидат покриени од „Пивара Скопје“, Град Скопје и општините во Скопје.
За повикување на мобилните тимови граѓаните ќе може да ги користат следните телефонски броеви според местото на живеење:
• Црвен крст Центар: 070/297-166 02/3115-029
• Црвен крст Кисела Вода: 070/379-456 02/3211-417
• Црвен крст Чаир: 070/208-383 02/2621-924
• Црвен крст Карпош: 070/226-136 02/3068-806
• Црвен крст Гази Баба: 071/243-078 02/2529-153
• Тим за бездомни лица 02/3096-227
Дополнително, од утре почнуваат да функционираат и две СОС-телефонски линии на Црвениот крст на Град Скопје, преку кои секој работен ден од 9 до 13 часот граѓаните ќе може да добијат психосоцијална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од актуелната состојба. Старите и изнемоштените лица на кои им е потребна психосоцијална поддршка може да се јават на телефонскиот број: 075/352-246, а другите граѓани на телефонскиот број: 071/379-119.
Овие активности се координирани и поддржани од страна на градоначалникот на град Скопје и од градоначалниците на скопските општини.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

