Македонија
Владата со посебни мерки за конвојот автобуси што треба од Италија да пристигне во земјава
Владата на денешната 21. седница го разгледа и го усвои записникот од вториот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување внесување и ширење коронавирус Ковид-19, одржан на 17 март 2020 година и заклучи истиот да се достави до сите надлежни институции, со цел итно реализирање на мерките и препораките.
Истовремено, во врска со групата наши државјани, кои организирано со конвој од автобуси пристигнуваат од Република Италија на граничниот премин Деве Баир, Владата ги донесе следните заклучоци:
1. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да го обезбеди нивниот транспорт, без запирање и без напуштање на транспортот и истите да ги смести во капацитетите на Криволак.
2. Се задолжува Армијата на Република Северна Македонија да го огради периметарот на овој капацитет на Криволак и да го обезбедува просторот во кои овие лица ќе бидат сместени, со цел лицата да не може да го напуштат.
3. Се задолжува Министерството за здравство да обезбеди лекарски тимови за овие лица.
4. Се задолжува Министерството за одбрана да обезбеди вода и храна за потребите на овие лица во текот на денешниот ден, а во текот на утрешниот ден по потреба и од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија.
5. Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да побара преку УНДП вода и храна за потребите на овие лица за наредниот период.
6. Се задолжуваат Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика и Службата за општи и заеднички работи да обезбедат мобилни тоалети за потребите на овие лица.
На оваа владина седница му претходеше состанокот на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување внесување и ширење коронавирус Ковид-19, кој го раководеа Оливер Спасовски, претседател на Владата на Република Северна Македонија, и м-р Радмила Шекеринска Јанковска, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за одбрана.
На состанокот присуствуваа членовите на Главниот координативен кризен штаб, и тоа: м-р Радмила Шекеринска Јанковска, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за одбрана, Мила Царовска, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Бујар Османи, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, д-р Венко Филипче, министер за здравство, Наќе Чулев, министер за внатрешни работи, м-р Никола Димитров, министер за надворешни работи, д-р Арбр Адеми, министер за образование и наука, м-р Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, д-р Нина Ангеловска, министер за финансии, м-р Агрон Буџаку, директор на Центарот за управување со кризи, Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување и Ѓоко Танаскоски, директор на Царинската управа на Република Северна Македонија.
На состанокот на Главниот координативен кризен штаб присуствуваа и Славјанка Петровска, дополнителен заменик-министер за внатрешни работи и Зоран Попов, државен секретар во Министерството за надворешни работи.
Венко Филипче, министер за здравство, ги информираше членовите на Главниот координативен кризен штаб и другите присутни лица за моменталните состојби и текот и прогресот на сите теренски екипи од сите надлежни институции, особено во подрачјата на кои постои кризна состојба. Во овој момент вкупниот број на позитивни случаи е 22 лица.
Согласно информирањето и предлозите изнесени во расправата на состанокот од членовите и другите присутни лица по однос на оваа точка, Главниот координативен кризен штаб ги усвои следниве заклучоци:
1. Ги разгледа потребите и проблемите за решавање во реоните на општините Дебар и Центар Жупа (доставени во прилог на овој записник), заклучи:
– Во однос на точките 1, 2 и 3 да се спроведат согласно протоколите за влез на Министерството за здравство, со соодветна опрема за заштита.
– Во однос на точка 4 да биде решен преку протоколот за влез на Министерството за здравство и доколку биде потврдено од Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
– Во однос на неопходниот дотур на храна, лекови и други итни и неопходни производи и заштитни средства, Министерството за внатрешни работи да ги спроведе лицата кои вршат дотур на овие производи за оние лица кои се затечени во тампон-зоната.
– Сите други потреби и проблеми за решавање во реоните на општините Дебар и Центар Жупа да бидат спроведени и реализирани согласно законските надлежности на сите засегнати институции, финансиските средства на овие надлежни институции и постојните протоколи на Министерството за здравство.
2. Го одобри барањето доставено од МЛ-Гари ДОО Подружница с. Гари – Дебар, под бр.0302-15 од 16.03.2020 година, во однос на продолжување на работата под посебни услови на подружницата и заклучи начинот на работата да продолжи и да се организира по услови и на ист начин како и за другите големи производствени капацитети на подрачјата на општините на кои е прогласена кризна состојба.
3. Сите единици на локалната самоуправа во Република Северна Македонија веднаш да направат план и да спроведат дезинфекција на сите улици и јавни површини на територијата на општините.
4. Во однос на извршените контроли од страна на Министерството за внатрешни работи, до одржување на седницата на Владата, Министерството да достави детален извештај од извршените контроли, кои мерки се преземени, против кои лица (со име и презиме) и во кој период.
5. На седницата на Владата да се разгледа можноста и Владата да заземе став во однос на тоа секое лице кое ги напушта границите на Република Северна Македонија, да потпише лична изјава со која ќе се обврзе во наредните три месеци да не се врати назад во Република Северна Македонија.
6. За наредниот состанок на Главниот координативен кризен штаб сите институции да ги пријават своите потреби за набавки, исклучиво кои се итни и неопходни, во функција на обезбедување целосна координација во врска со спречување внесување и ширење коронавирус Ковид-19.
7. Мила Царовска, заменик-претседател на Владата задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори, да стапи во контакт со директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со цел издавањето на потребните дозволи за возачите кои управуваат товарни моторни возила да биде забрзано.
8. Го прифати барањето на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, под бр.02-1269/1 од 12.03.2020 година (доставено во прилог на овој записник), односно одобри на Фондот да го одложи приемот на странки во инвалидските комисии.
9. Министерството за образование и наука, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и други засегнати лица и институции, уште во текот на денешниот ден да почне со подготовка на план и начин на спроведување на онлајн настава за учениците во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, со распоред на часови и да се искористат сите канали за комуникација и најдоцна до 19.03.2020 година (четврток) истиот да го презентира на Главниот координативен кризен штаб и на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“, организирана од мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Таа истакна дека и покрај бројните конвенции, закони, стратегии и проекти, рапидно расте родово-базираното насилство и бројот на убиените жени само затоа што биле жени. За неа, фемицидот е последица на насилство коешто се случувало во континуитет, а не било превенирано или санкционирано.
Според неа, борбата против фемицидот мора да започне дома, во градинка и во основното образование, да продолжи со правни акти и институционални механизми, вклучувајќи ги и јавно-обвинителските и судските.
Сиљановска-Давлова посочи дека ако фемицидот е системски предизвикан проблем, тогаш и неговото решавање мора да биде системско.
На првиот панел се обратија и амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади и Муамет Реџепи, помошник на министерот за внатрешни работи, презентирајќи свои видувања, податоци и решенија за надминување на еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени.
Во вториот панел се обратија: Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, јавната обвинителка Фатиме Фетаи, судијката Габриела Гајдова, Светлана Цветковска од Mинистерството за социјална политика, демографија и млади и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Секоја од нив, во рамките на својата работа ги детектираше најголемите слабости во справувањето со насилството врз жените, вклучувајќиго и фемицидот, оценувајќи ја позитивно воспоставената соработка со надлежните институции, како гаранција за позитивен исчекор во оваа битка. Сите ја поздравија нововоспоставената платформа Femicide Watch.
Сите учесници беа согласни дека покрај 16 дена активизам, потребно е 349 денови ангажман на сите во справувањето со фемицидот.
Македонија
Левица: Власта повторно го одби амандманот за изградба на домови за стари лица
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, образложи амандман за грижата за старите лица.
Амандманот беше со цел да се наменат средства со што би можеле да се изградат најмалку три државни домови онаму каде што потребата е најголема.
Тој предупреди дека државата целосно го запоставила овој сегмент на социјалната заштита.
„Државните домови имаат само 600 сместувачки капацитети, додека приватните имаат двојно повеќе – 1.200. Луѓето практично немаат избор, освен да посегнат по приватните домови, а пензионерите тоа едноставно не можат да си го дозволат,“ рече пратеникот од Левица.
Листите на чекање се долги, а времето за чекање е од пет до седум години.
„За човек над 65 години, тоа не е малку. Во меѓувреме може и да почине пред воопшто да добие сместување,“ додаде тој.
Исмаил потсети и на европските стандарди, според кои треба да има 20–30 легла на 1.000 стари лица, додека Македонија е далеку под минимумот.
„Оваа јавна услуга постои само на хартија. Ако не почнеме да создаваме капацитети сега, со забрзаното стареење на населението ќе западнеме во уште полоша состојба, со уште подолги листи, уште подолго чекање и уште помалку достоинствена грижа,“ предупреди тој.
Иако проблемот е драматичен, власта сè уште не дава образложение зошто не го прифаќа овој амандманот.
„Доколку овој амандман не се прифати, очекувам барем објаснување од министерот,“ побара Хактан, нагласувајќи дека грижата за старите лица мора да биде во приоритетите, а не заборавена ставка во буџетот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Шпанија е принципиелен поддржувач на македонските евроинтеграции
Шпанија е наш важен партнер во НАТО, ООН и ОБСЕ и принципиелен поддржувач на македонските аспирации за членство во ЕУ, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, во придружба на амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Ја поздрави посетата, оценувајќи ја како пресвртница во шпанско-македонските односи преку обнова и интензивирање на меѓупарламентарната соработка.
Сиљановска-Давкова укажа на потребата од создавање на мешовита Група пријатели во шпанскиот Сенат и Конгрес.
Таа препознава недоволно искористен потенцијал за економска соработка којашто може да се регулира со билатерален договор.
Претседателката детално ги образложи државните ставови по однос на интегративниот процес во ЕУ, реафирмирајќи ја посветеноста на земјата на исполнувањето на Копенхагенските критериуми.
Претставниците на шпанскиот Сенат се заблагодарија за разговорот и изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката, како и поддршка во евроинтеграцијата.

