Македонија
Мицкоски: Aпелирам на вонредна состојба веднаш, ситуацијата е алармантна
„Загрижен сум за алармантноста на состојбата со ширењето на заразната пандемија, особено што отсуствува брза и одлучна реакција на надлежните институции во делот на примена на помасовни мерки, кои ќе придонесат за намалување на последиците. Неопходно е итно дејство на Владата и носење одлуки, кои подразбираат и посериозни фискални импликации и поголема мобилност на институциите во справување со состојбата на терен. Токму затоа пред 6 дена побарав прогласување кризна состојба“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од вчера, пак, се наметна нова дилема и таа е присутна во јавноста за прогласување кризна или вонредна состојба.
„Јас побарав воспоставување кризна состојба затоа што тоа е степен повисоко во сериозноста на пристапот, квалитетот и мобилноста на справување со последиците од коронавирусот за разлика од воведувањето вонредна состојба, во која целата власт се сосредоточува во рацете на еден човек, што, ќе се согласите, и не е толку демократски. Но, ова и во овој случај е секундарно затоа што примарни се здравјето на граѓаните и итното дејствување.
Ова ќе отвори можност за носење акти со законска сила, кои би можеле да се злоупотребат и е состојба за која, иако е уставна материја, не е прецизно дефинирана со законот. Сè што не е прецизно дефинирано може и да биде злоупотребено. А воедно, вчера со директно признание на претседателот Пендаровски дознавме една поразителна информација – дека постои дилема за воведување кризна состојба бидејќи има недостиг на државни ресурси квалитетно и ефикасно да се покрие државата, што е огромен скандал, особено ако кризата се продлабочи, за што упатуваат сите сериозни фактори, но во овие моменти од посочување на показалецот нема фајде и ова е посебна тема за која ќе зборуваме и ќе се навратиме кога ќе заврши цела оваа состојба со пандемијата на коронавирусот“, вели тој.
Во овој момент постои и дилема кај правните експерти за што е поделотворно да се примени. „Она што денес сакам да го соопштам е фактот дека иако јас и понатаму сметам дека многу бргу ќе дојдеме во фаза да прогласиме кризна состојба на одделни делови од територијата на Македонија, сепак сметам дека Владата доцни со мерките, а кризата ќе се зголемува.
Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да се помогне на граѓаните, апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи, според Уставот, вонредна состојба во Македонија што побргу. Да не се губи драгоцено време, а поважно од тоа дали е вонредна или кризна состојба е мерките и помошта да стигнат до граѓаните. Да не навлегуваме во правните дилеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните. Повторувам, да не навлегуваме во правните дилеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните и заштита на нивното здравје и веднаш претседателот Пендаровски да прогласи вонредна состојба. Да не се фокусира владата само на ПР, туку на работа на терен и итно дејствување“, вели Мицкоски.
Според него, претстои сериозна здравствена, санитарна и економска криза.
„Мора Владата да обезбеди бесплатни маски за граѓаните. Мора да ги казни компаниите што се обидуваат енормно да спечалат преку продажба на медицински препарати и средства. Да заштити од бран покачувања на цените на основните производи. Мора да се погрижи за соодветни услови за одвивање на здравствената нега, но и воедно добивам загрижувачки податоци дека има ограничени количини крв од само неколку дена, што мора да се надмине што побргу. Владата мора да ги награди и медицинскиот персонал, докторите и сите други служби што се на првата линија на борба со пандемијата. Тие мора да добијат почит за својата храброст и посветеност. Исто така, економијата бара мерки со кои веќе сериозно се доцни.
Ќе се осврнам на оваа тема подетаљно. Средствата за придонеси и плати во директно погодените дејности што треба да се исплатат за еден месец изнесуваат 80-ина милиони евра. А тие компании во моментот, во март, имаат заработка од нула денари. Истите овие фирми треба да платат 15-ина милиони евра ДДВ, а во март, ќе повторам, имаат приход од нула денари. Почнаа првите отпуштања вработени и клуч на врата за компаниите. Да напоменам, 70-ина проценти од овие компании се мали претпријатија од еден до десет вработени. Во клучните два месеца очекуваме негативното влијание во економијата да изнесува цели 220 милиони евра. Или месечно се губат по 110 милиони евра само по овој основ.
И ова е најважното, денес Владата излезе со пакет мерки од некоја си кредитна линија во вредност од 5 милиони евра за компаниите, а тие губат по 110 милиони евра месечно. Помошта од кредитната линија од 5 милиони евра на Владата во услови кога се губат 110 милиони евра, каде што нема за плати и придонеси, се затвораат фирми, не само што не е доволна туку е и смешна и навредлива. Ако не помогнат државата и Владата, нема од каде. Секој ден без помош значи банкрот за многу компании. Црвениот аларм е вклучен. Од информациите што стигаат до нас една компанија, која беше корисник на средства од Агенцијата за финансиска помош и поддршка, а беше поврзувана со името на еден поранешен функционер во Владата на Зоран Заев, од петокот е затворена и 150 вработени од таа компанија се на улица. Веднаш по прогласувањето вонредна состојба, да се донесат владини одлуки со законско дејство. Потребно е замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија работа е погодена со настанатата ситуација со коронавирусот.
Замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за март, чија работа е погодена од состојбата на коронавирусот. Така и на банките ќе им се помогне.
Државата да ги ослободи компаниите од трошоците за придонеси за вработените во компаниите погодени од состојбата со коронавирусот. Тоа се секторите што се најмногу погодени, како што се туризмот, угостителството, текстилната, кожарска и сите оние други сектори.
И порака до Владата, освен за пиарот, грижете се за граѓаните. Немојте да се натпреварувате кој повеќе прес-конференции ќе одржи, туку натпреварувајте се кој повеќе протоколи ќе усвои и како да се справиме со пандемијата. Да дејствуваме одговорно, да работиме за граѓаните и да работиме на здравјето на граѓаните и економијата“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, сообраќајот во прекин
Од 20:30 часот сообраќајот на магистралниот пат А-3 Кочани – Штип (с.Долни Подлог – с.Тркање) е во прекин, поради сообраќајна незгода.
Сообраќајот се пренасочува преку с.Тркање кон екпресен пат Кочани – Штип, соопшти АМСМ.
Македонија
Ѓорѓиевски: Доста беше мрак, време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со покана до скопјани и гостите на главниот град за како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година на плоштадот „Македонија“.
По подолг период, Скопје повторно ќе пулсира во знакот на радоста и врвната музичка забава, со богата програма што ги обединува сите генерации и ја враќа празничната магија во срцето на градот, истакнуваат од Град Скопје.
„Скопје, дали сме подготвени за најдобрата забава?
Со голема чест и искрена радост, ве поканувам на плоштадот „Македонија“ на незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот.
Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски.
Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска.
Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.
Почитувани скопјани, доста беше мрак.
Време е за заедништво и за радост.
Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани.
Со домашни изведувачи, љубени од публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации.
Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува.
Ве поканувам сите, драги скопјани, да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2026 година со насмевки, музика и незаборавни мигови.
Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа новогодишна приказна, исполнета со позитивна енергија и врвна забава.
Се гледаме“, напиша на социјалните мрежи скопскиот градоначалник.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица), поради сообраќајна несреќа во прекин и сообраќајот кон ГП Ќафасан
Поради протест на грчките земјоделците, од 17:10 часот сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин.
Поради сообраќајна незгода сообраќајот кон ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, соопшти АМСМ.
На 30.12.2025 (вторник), од 15:00 часот, ќе има измена на режимот на сообраќајот на Коридор 10, на делницата Прилеп–Битола, при што сообраќајот ќе биде пренасочен по регионалниот пат Р1101, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

