Македонија
МОН апелира сите универзитети да се обидат да воведат онлајн-настава
Од понеделник сите високообразовни установи во земјата да воведат онлајн-настава со цел да продолжи академската година и студентите да го совладуваат материјалот во согласност со студиските програми на кои се запишани. Оваа тема беше фокус на разговорот помеѓу министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и претставници на јавните и приватните универзитети на денешната средба во Министерството за образование и наука по која беше одржана и прес-конференција.
Министерот Адеми извести дека во согласност со информациите од високообразовните установи, некои од нив веќе ја применуваат онлајн-наставата за своите студенти, но интенцијата е од следната недела оваа форма на настава да се воведе на сите факултети.
„Се работи за начин на настава кој не е неизводлив и практично дел од факултетите веќе го применуваат не само сега, туку и во регуларен, нормален тек на студиската година. Олеснителна околност е и тоа што станува збор за студенти, личности на возраст кога дигиталните вештини се веќе совладани, односно студентите поседуваат способности за ракување со ИТ-уреди и за примена на онлајн-алатки и апликации за едукација за разлика од, да речеме, најмалите ученици – првоодделенчињата, од кои повеќето не поседуваат ИТ-уреди и не знаат да ракуваат со нив и за нив онлајн-наставата е прилично тешка и не е најсоодветна солуција. Овде ситуацијата е поинаква“, рече Адеми.
Министерот нагласи дека во согласност со информациите што ги добил од ректорите, од аспект на можности и информатичко-технолошка опременост на универзитетите и спремност на професорите да дадат личен придонес во целата заложба, очекува во текот на следната недела со оваа форма на едукација да бидат опфатени најголем дел од студентите.
„Тоа ќе биде голема придобивка за идните академски граѓани, чие време нема да биде залудно потрошено додека трае оваа кризна состојба, која тешко може да се предвиди во која насока ќе се движи, а ние сме должни активно да дејствуваме со цел на некој начин да обезбедиме нормализација на многу процеси во секојдневието кои се нарушени, вклучително и на образовниот процес“, потенцира Адеми.
На прес-конференцијата се обратија и проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ и претседател на Интеруниверзитетската конференција, како и проф. д-р Томе Неновски, ректор на УАКС и претседател на Конференцијата на приватни високообразовни установи во Република Северна Македонија, кои изразија уверување дека постои силна заложба и координација помеѓу раководствата на универзитетите, со цел да се помогне при воведувањето форми на далечинско учење во сите високообразовни установи во кои сè уште тоа не е направено.
Поради состојбата со ширењето на коронавирусот, со одлука на Владата сите образовни установи во земјата се привремено затворени, а надлежните институции заедно со раководствата на градинките, училиштата и факултетите изнаоѓаат начини на неформална едукација со цел квалитетно и корисно пополнување на времето на децата од претшколска возраст, за учениците и за студентите додека се дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

