Македонија
Николоски: Да се спасат што повеќе работни места, Владата да покрие половина од трошоците

Како последица од глобалниот удар на корона вирусот секојдневно илјадници македонски семејства се со неизвесна иднина. Илјадници македонски работници не се на своите работни места. Нема град или село во Македонија, нема семејство во кое неизвесноста за работните места не е присутна. Компаниите во Македонија од најмалите до најголемите, од мали трафики и козметички салони до големите странски инвестиции се соочуваат со проблеми во својата работа или воопшто не работат,изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Според него, како резултат на тоа десетици илјади работници се дома, а фирмите се соочуваат со проблеми да им исплатат плата.
„Затоа со недели повикуваме, а денес повторно ќе побарам да се донесат итни економски мерки! Владата да покрие половина од вкупните трошоци за секој вработен. Вкупните трошоци вклучуваат и плата и придонеси за пензиско и здравствено осигурување како и персонален данок. Понатака потребно е замрзнување на побарувањата на државата по однос на сите давачки на фирмите, како и замрзнување на обврските за кредити. Ова се итни мерки кои се потребни час поскоро за да се зачуваат работните места! Помошта од 5 милиони евра е премала, недозволива, само за споредба Албанија само во првиот бран додели помош од околу 370 милиони долари. Економски мерки се потребни веднаш! Секое работно место вреди и мора да се спаси“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите дека се правеле непотребни операции за профит

Министерството за здравство најави итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите што излегоа во јавноста дека се правеле операции за профит.
„Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата, како и спроведување итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика. Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот ‘Мој термин’, само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства“, велат од Министерството откога во јавноста се појавија сериозни тврдења за можни непотребни медицински интервенции.
Од Министерството велат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.
„Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрено да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење – тоа е дел од добрата медицинска практика“, велат од Министерството.
Од таму истакнуваат дека здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без изденачување на поединечни случаи со целиот систем.
„Секако дека секој има право на свое мислење, а особено ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави што водат до генерализации и сензационализам“, велат од Министерството.
Ваквата реакција од Здравство доаѓа откога неколку медиуми пренесоа изјава на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни хируршки интервенции врз пациенти, чија цел е профитот.
Фото: ЕПА
Македонија
Утре, сончево и топло време со мала локална облачност

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени, информира УХМР.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 степени.
В петок и в сабота во западните и во северните делови ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. В петок ќе дува засилен, повремено силен ветер од западен и југозападен правец.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен, по должината на Повардарието повремено засилен интензитет, а температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
ДОМ: Новиот нацрт-закон за Рударство е директна закана за здравјето на луѓето

Зелената партија ДОМ категорично го отфрла новиот нацрт-закон за Рударство предложен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Наместо да поставува линии за стратешки развој, според ДОМ, овој закон е директна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и демократските принципи на одлучување.
ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за „стратешки“ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките.
„Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките“, велат од ДОМ.
Според партијата, ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост и апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа за која преостануваат уште девет дена.