Македонија
Кривичниот суд инсистира да продолжи судењето за „Рекет“

Кривичниот суд во Скопје инсистира да продолжи судењето за случајот „Рекет“ со оглед на тоа дека станува збор за притворски предмет. Од судот информираат дека се преземаат сите мерки согласно препораките на Светската здравствена организација и Владата за заштита од ширење на вирусот Ковид-19. Судницата редовно се дезинфицира, има доволно простор и одалеченост меѓу странките и задолжително се носат медицински маски и стерилни ракавици. За ова била известена и одбраната на обвинетите во случајот која денеска достави барање за одлагање на идните закажаните расправи. Во барањето се наведува дека бранителот Ирена Фрчковска ја користи мерката на Владата со која еден родител на дете помало од 10 години се ослободува од работни обврски заради чување деца, бранителот Дељо Кадиев има здравствени проблеми, додека обвинетата Катица Јанева има хронични болести.
„Имајќи во предвид дека се работи за притворски предмет, а согласно одлуката на Судскиот совет и Министерството за правда за судење на сите итни и недоложни расправи, ваквите барања на одбраната судот ги разбира единствено како начин за одолговлекување на постапката. Судот ја задолжи одбраната да се однесува одговорно спрема судот и
доследно да ги почитува правата на обвинетите во постапката и денешната расправа ја одложи за веќе закажаниот термин 26 март до кога бранителот Ирена Фрчковска е должна да ги организира семејните обврски за да може да присуствува на судењето. Доколку адвокатите и понатаму се спречени да присуствуваат на идните расправи, да обезбедат
свои заменски бранители, бидејќи во спротивно судот на обвинетата ќе ѝ назначи бранител по службена должност“, соопшти Основен кривичен суд Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Македонија
Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Со задоволство информирам дека на денешната седница на Владата беше усвоена Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со Акцискиот План, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
„Овој документ ја одразува непоколебливата посветеност на Владата на Република Северна Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на надлежните институции со структуриран и систематски пристап, кој има за цел зголемување на ефикасноста при конфискацијата на незаконски стекнат имот“, рече тој.
Една стратегија, додаде Фетаи, колку и да е добра, останува само документ доколку не се спроведува ефикасно.
„Поради тоа, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку основање на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој ќе обезбеди успешно спроведување на утврдените цели“, рече тој.
Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење ќе има централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи постојана посветеност за реализација на оваа стратегија.
Македонија
Муцунски – Калас: Континуирана поддршка за европската интеграција на Македонија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Мучунски, попладнево оствари телефонски разговор со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика, Каја Калас.
Во разговорот, високата претставничка Калас ја потврди континуираната поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија.
Министерот Мучунски ја реафирмираше посветеноста на нашата земја на европските вредности – владеење на правото, дијалог и добрососедска соработка – како темели на процесот на пристапување кон Европската унија.
Во рамки на разговорот стана збор и за регионалното поврзување, при што министерот ја подвлече поддршката за Коридор 8 како стратешки приоритет за инфраструктурна интеграција на регионот.
Соговорниците разменија мислења и за состојбите на Блискиот Исток, заеднички нагласувајќи ја потребата од почитување на меѓународното право и избегнување на понатамошна ескалација.