Свет
Производителот на „Смирноф“ ќе донира чист алкохол за средство за дезинфекција

Производителот на „Џони Вокер“ и „Смирноф“ вети дека ќе донира доволно алкохол за производство на 8 милиони шишиња течно средство за дезинфекција за да му помогне на медицинскиот персонал во борбата против новиот коронавирус, пренесува „Брејтбарт“.
„Дијагео“, британска компанија за дестилирање, ќе произведе два милиони литри етил алкохол со голема јачина, кој обично се користи за производство на вотка и на џин. Компанијата ќе донира алкохол во компаниите за санитарни производи и ќе им овозможи да произведат осум милиони шишиња течно средство за дезинфекција од 250 мл.
„Здравствените работници се во првите борбени редови против оваа пандемија и ние сме решени да сториме сè што можеме за да ги заштитиме“, вели извршниот директор на „Дијагео“, Иван Менезес. „Ова е најбрзиот и најефикасен начин да одговориме на зголемената побарувачка за течно средство за дезинфекција во светот“.
Миењето на рацете и течно средство за дезинфекција на рацете е една од клучните стратегии во борбата против ширењето на коронавирусот, но во Велика Британија имаше мала залиха од него бидејќи луѓето панично го копија целото количество пред воведувањето на строгиот режим на органичено движење.
„Дијагео“ планира да донира 500.000 литри алкохол за Велика Британија и Ирска и дополнителни 100.000 литри за Италија, епицентарот на пандемијата на коронавирус во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Промената на режимот во Иран би довело до хаос

Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави на самитот на Г7 во Канада дека промената на воениот режим во Иран би била голема грешка, јавуваат „Ројтерс“ и АФП.
„Промената на режимот би довело до хаос“, изјави Макрон пред новинарите во Алберта, нагласувајќи дека земјите треба да се вратат на разговорите за нуклеарната програма на Иран.
„Верувам дека ни требаат Соединетите Американски Држави да ги вратат сите на преговарачката маса“, рече Макрон.
Свет
Голема акција во Израел: планира да врати 150.000 свои државјани во земјата

Израел подготвува воздушен и поморски транспорт за да ги врати дома своите граѓани заглавени во странство по нападот врз Иран во петокот и затворањето на неговиот воздушен простор, објави министерката за транспорт.
„Првиот чекор беше да се испратат сите израелски авиони во странство за да се спречи нивно оштетување, бидејќи тогаш немаше да имаме никакви средства за репатријација на луѓето. Тој чекор е завршен. Следниот чекор е постепено враќање на Израелците“, рече Мири Регев за време на посетата на местото на иранскиот напад во центарот на земјата.
„Има помеѓу 100.000 и 150.000 Израелци во странство“, рече министерката, додавајќи дека нејзината канцеларија отворила морска рута од Кипар и Грција.
Израелската авиокомпанија „Ел Ал“, која објави прекин на сите летови во петокот, во вторникот соопшти дека се подготвува за летови за спасување почнувајќи од среда.
Авионите на „Ел Ал“ ќе полетаат од Ларнака на Кипар, Атина, Рим и Милано во Италија и Париз, рече таа.
Израелскиот нискобуџетен превозник „Аркија“ исто така најави специјални летови почнувајќи од среда за да ги врати Израелците дома. Авионите на „Аркија“ ќе полетаат од Кипар, Грција и Црна Гора, се вели во соопштението.
Израел започнанапад врз Иран на 13 јуни, таргетирајќи стотици воени и нуклеарни цели, со цел, велат властите, да ја спречи земјата да развие атомска бомба. Иран постојано негира каква било таква намера.
Свет
Британскиот министер за одбрана: Единствениот пат до траен мир е дипломатско решение

Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, изјави дека влошувањето на безбедносната ситуација на Блискиот Исток претставува опасен момент за целиот регион.
Тој нагласи дека Велика Британија продолжува да го поддржува правото на Израел на безбедност и дека има сериозна загриженост во врска со нуклеарната програма на Иран.
Сепак, Хили повика на воздржаност од сите страни и рече дека единствениот пат до траен мир е дипломатско решение, а не воена ескалација.
Тој додаде дека во регионот пристигнале дополнителни британски воени ресурси, вклучувајќи борбени авиони „Тајфун“ распоредени во RAF Акротири на Кипар, за да го заштитат британскиот воен персонал кој сега е во состојба на висока готовност.
На прашањето дали е загрижен за можноста САД директно да се вклучат во израелските напади врз Иран, со оглед на пристигнувањето на дополнителни американски борбени авиони, Хили одговори дека сегашниот американски претседател Доналд Трамп сè уште ги предводи повиците до Техеран да се согласи на договор.
Тој го опиша зголеменото воено присуство на Велика Британија и САД како порака до Иран дека дипломатскиот пат е единственото решение за сегашната криза.