Македонија
ФЗОМ: Да не се купуваат лекови без потреба
Да не се купуваат лекови без потреба и да се применува телефонска и електронска комуникација помеѓу осигурениците и здравствените установи. На ова апелира Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија со цел спречување на ширењето на коронавирусот.
Нивниот апел го пренесуваме во целост.
„Да се применува примарно телефонска и електронска комуникација помеѓу осигурениците и здравствените установи, освен при неодложна здравствена потреба.
Осигурениците да ги почитуваат стручните препораки кои ги добиваат од матичните лекари според здравствените потреби за зачувување на здравјето и за правилно лекување.
Да не се бара упатување и да не се посетуваат специјалистите заради продолжување на хроничната терапија, бидејќи сите специјалистички извештаи, конзилијарни мислења и отпусни писма издадени во 2019 година ќе важат до завршување на важење времените мерки.
Осигурениците да не инсистираат и да не бараат матичните лекари да им пропишуваат лекови на рецепт без медицински индикации (по нивна желба и кои не им се потребни).
Осигурениците да ги почитуваат стручните фармацевтски препораки кои ги добиваат во аптеките за начинот на правилна употреба на лековите и другите фармацевтски или медицински производи кои ги користат.
Осигурениците да не купуваат лекови непотребно, односно да не прават непотребни залихи на лекови во нивните домови.
Да не се посетуваат масовно аптеките и матичните лекари, особено не во првите денови од месецот бидејќи лекови на рецепт на товар на Фондот има во доволни количини во промет одобрен од Агенцијата за лекови и медицински средства.
Да се однесуваме сите одговорно и без паника со што ќе го заштитиме нашиот здравствени систем, а со тоа и сите нас како граѓани на РСМ.
Само со заеднички напори може да се обезбеди поквалитетна здравствена заштита за сите“, велат од Фондот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

