Македонија
Австриски весник: Пандемијата ја олесни одлуката на ЕУ за преговори со Северна Македонија и Албанија
Пандемијата од коронавирусот и стравот од геополитичка загуба на моќта ја наведе ЕУ, со половина година задоцнување, да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, оценува виенскиот весник „Пресе“.
„Колку и да звучи морбидно, избивањето на пандемијата ја олесни одлуката на 27 членки“, нагласува весникот.
„Во сенка на оваа криза, вниманието на јавноста беше насочено на друго место“, вели Стивен Блокманс за виенскиот весник, професор на Универзитет во Амстердам и член на бриселскиот Центар за европски политички студии.
Оваа оценка, укажува „Пресе“, особено се однесува на Франција, чијшто претседател, Емануел Макрон, пред половина година со своето вето на отворањето на преговорите предизвика тензии не само помеѓу ЕУ и Западен Балкан, туку и внатре во ЕУ каде неговото противење наиде на критики.
Дури и владите на Данска и Холандија, кои беа на иста линија со Париз за простапната подготвеност на Албанија, не можеа да го разберат тој став кон Северна Македонија.
„Персе“ наведе дека Северна Македонија дури го променила своето име и го надминала деценискиот спор со Грција.
„Во вторникот министрите беа согласни дека пристапните преговори со овие две земји се важни од три причини. Затоа што ЕУ во спротивно на Балканот би ја загубила политичката привлечност во натпреварувањето со Кина, Русија и Турција, и тоа дека го ослабела своето инаку ограничено геополитичко влијание. Таа опасност се виде на прес-конференцијата на српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој рече дека европската солидарност е бајка и дека Кина е единствената земја што може да ѝ помогне на Србија“, укажува „Пресе“.
Понатаму, весникот наведува дека ЕУ увидела опасност оти епидемијата на Западен Балкан без надворешна помош не може да се уништи.
„На европско ниво не може во моментов да се разговара на ниту една тема, а да не се говори за Ковид-19, објасни министерката за европски прашања на Австрија, Каролин Едшрадлер, по видеоконференцијата, додавајќи дека е договорено и како може да им се помогне на земјите од овој регион.
Како трето, укажува „Пресе“, ветото на Макрон доведе до подигнување на свеста за проблемите со ширењето на ЕУ на исток и тековните преговори со Србија и Црна Гора, а европскиот комесар за проширување изјави дека не е доволно само да се усвојуваат закони, туку мора да се применат на дело и да донесат резултати какви што очекуваат земјите членки на Унијата.
„Почетокот на пристапните преговори, ако тоа го дозволи пандемијата, може да се случат оваа година, но прашање е дали Самитот за Западен Балкан планиран за почетокот на мај во Загреб, ќе може да послужи за таа цел“, заклучува весникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Фрчкоски: Паралелно со антиамерикански активности, Мицкоски води и анти-ЕУ кампања
Паралелно со антиамерикански активности, Мицкоски води и анти-ЕУ кампања, обвини Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Суспендирани визи од САД – периметарот на Мицкоски ја доведе Македонија во ранг со Сомалија. Последната одлука на САД е Македонија да биде опфатена во суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија. Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработката на визи. СДСМ подолг период предупредува за штетата од погрешните политики на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ загрозувајќи го стратешкото партнерство со САД и интеграцијата во ЕУ“, рече Фрчкоски.
Тој додава дека најблизок соработник на Мицкоски во Владата е Иван Стоилковиќ, кој, според него, има отворени проруски ставови и директни врски со Москва.
„Пред само неколку дена го видоме Стоилковиќ како слави заедно со ноќните волци блиски до Путин. Паралелно со овие анти американски активности, Владата на Мицкоски води и анти-ЕУ кампања. Се продуцираат намерни судири со Грција и Бугарија, се отвораат затворени прашањa, се измислуваат изговори, за да се оправда изолацијата и блокирание преговори. Не се спроведуваат никакви реформи, владата води анти-ЕУ и анти-американска политика, ја води Македонија кон целосна изолација. Паника е голема. САД носат специјален Закон за Западен Балкан насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата и ова се само први чекори што ги гледаме. Следуваат и црни листи, се најавуваат и можни санкции. СДСМ ќе продолжи да ја разоткрива оваа агенда, бидејќи наши стратешки пријатели се САД а местото на Македонија е во НАТО и ЕУ“, рече Фрчкоски.
Македонија
„За почиста Македонија“ со петиција до Владата: казни и за фрлање отпад од автомобилите преку „Сејф сити“
Организацијата „За почиста Македонија“ собра 1.000 потписи за петицијата со која се бара системот за сообраќајни прекршоци „Сејф сити“ да биде унапреден и да детектира и фрлање отпадоци и отпушоци од цигари од возилата.
Како што информираат од организацијата преку објава на социјалните мрежи, петицијата била лично доставена до Владата и до Министерство за внатрешни работи. Од „За почиста Македонија“ наведуваат дека очекуваат одговор.
Во текстот на петицијата се посочува дека системот „Safe City“ веќе функционира во тест фаза и преку видео надзор издава опомени за сообраќајни прекршоци, поради што, според иницијаторите, постои реална можност истиот да се надгради и за други области од јавен интерес.
Како проблем се наведува фрлањето отпад, особено отпушоци и ситен отпад од возила во движење, што, според петицијата, има последици врз животната средина и јавната безбедност. Во образложението се истакнува дека отпушоците се најчестиот вид отпад по улиците и покрај патиштата, дека содржат токсични материи и дека нивното разградување трае и до 10 години.
Во петицијата се укажува и на ризикот од пожари, наведувајќи дека фрлањето отпушоци од возила може да биде еден од причинителите на шумските пожари во државата. Дополнително, се посочува дека ваквото однесување го нарушува јавниот ред и остава негативна слика за државата.
Според иницијаторите, камерите на „Safe City“ веќе препознаваат различни сообраќајни прекршоци, па системот може да се надгради со алгоритам за детекција на фрлање предмети од возило, практика која, како што наведуваат, веќе постои во повеќе европски земји и градови.
Со петицијата се бара МВР и Владата да воведат автоматска детекција и казнување на фрлање отпушоци и отпад од возила како дел од проектот „Safe City“, со цел намалување на загадувањето, зголемување на јавната безбедност и подигање на еколошката свест.
„Истражувањата покажуваат дека кога прекршоците се санкционираат автоматски, граѓаните брзо ги менуваат навиките“, се додава.
Ова е мала промена во системот, но како што се наведува, се очекува да донесе огромни придобивки за животната средина, јавната безбедност и развојот на современо, одговорно општество.
Фото: depositphotos
Македонија
Фирма фатена на дело – нелегално вршела поштенски услуги и криумчарела пратки, Царинската управа поднесе кривична пријава против две лица
Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија претрес на фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Во моментот на претресот беа пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а од страна на инспекторите е поднесена кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, извести Царинската управа.
Конкретно, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи. Пратките потоа нелегално ги складирала во магацин во нејзина сопственост, со намера оттаму да ги транспортира до нарачателите, за што би наплатувала паричен надомест.
Царинската управа и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување услови за фер конкуренција, се наведува во соопштението на Царинската управа.

