Економија
Владата објави тендер за чартер-летови од Малта и Загреб

Владата го објави тендерот за организирање авионски превоз за пренесување на македонските граѓани од странство.
За дестинации за чартер-летови се утврдени: Малта – Скопје, со кој ќе бидат превезени 148 патници и Загреб – Скопје со кој ќе бидат превезени 226 патници.
Крајниот рок за организарање на летовите треба да биде до петок, 27 март, до 12 часот.
Јавниот повик ќе трае 12 часа од моментот на неговото објавување на веб-страницата на Владата, односно понудите да се достават најдоцна вечерва до 22 часот.
Лицата кои ќе се вратат со овие летови при влез во авионот ќе потпишат договор помеѓу нив и Владата во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и ќе пополнат изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.
Лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.
Сите кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите согласно склучениот договор.
„Договорот помеѓу патниците и Владата на Република Северна Македонија, во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна“, соопштија од Владата.
За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трговците мора да ги прекинат нефер практиките, следуваат почести контроли, предупредува Комисијата за заштита на конкуренцијата

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) упатува јавно предупредување и повик до сите големи трговски синџири, супермаркети, добавувачи и дистрибутери да постапуваат строго согласно Законот за забрана на нефер трговски практики, со цел да се обезбеди фер, транспарентен и законски пазар во интерес на економијата, производителите и потрошувачите.
Комисијата потсетува дека законот забранува злоупотреба на значителна пазарна моќ, вклучувајќи еднострани промени на договори, неосновани одложувања на плаќања, принудно враќање на производи, наметнати трошоци и други условувања кои ја нарушуваат рамноправната позиција на учесниците на пазарот. Секој трговец кој врши притисок врз добавувач, го уценува или диктира услови надвор од законскиот и договорниот основ, е предмет на прекршочна постапка и ризикува сериозни санкции.
„Законот е јасен – фер трговија не е опција, туку обврска. Ние не се бориме против бизнисот, туку против неправдата. Онаму каде што се наоѓа злоупотреба, Комисијата ќе постапува. Но, целта не е репресија, туку воспоставување култура на фер пазарна игра“, изјави претседателката на КЗК, Малинка Силјановска Николиќ. Таа повика на одговорност, саморегулација и конструктивна соработка, потенцирајќи дека најсилната економија е онаа во која сите играат според истите правила.
„Комисијата не е непријател на бизнисот, туку чувар на правилата. Односите меѓу трговците и добавувачите мора да бидат базирани на рамноправност, предвидливост и договор, а не на притисок, уцени и неформални условувања. Само на тој начин може да се создаде стабилен пазар на кој сите имаат еднаква шанса да успеат”, додаде Николиќ.
Комисијата ги охрабрува сите економски субјекти кои се чувствуваат изложени на нефер услови или притисоци, да поднесат пријава. Истите ќе бидат третирани со сериозност, професионалност и целосна заштита на идентитетот.
Николиќ најави дека во периодот што следува, КЗК ќе продолжи со проактивен мониторинг на трговските синџири и поголем број теренски контроли, отворен дијалог со добавувачи и комори за препознавање на нефер практики, правна заштита и постапки против компании кои систематски го нарушуваат законот и едукација на економските субјекти преку јавно достапни упатства, анализи и препораки.
Економија
Ангеловска-Бежоска на пролетните средби во Вашингтон: Носителите на политиките ќе разговараат за светската економија

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводат делегацијата којашто ќе ја претставува нашата земја на Пролетните средби на групацијата на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), коишто се одржуваат во Вашингтон, САД. Во состав на делегацијата учествуваат и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска.
Гувернерката и вицегувернерите веќе остварија средба со претставници на Федералните резерви на Њујорк ‒ најголемата банка во американскиот ФЕД. Разговараа за уште подобра соработка, особено за плаќања и трансакции во долари, како и за начините за управување со државните хартии од вредност. Се зборуваше и за заедничка работа во области како што се монетарната политика, управувањето со девизните резерви и ризиците и новите трендови во банкарството.
Гувернерката со вицегувернерите ќе имаат повеќе состаноци со претставници на ММФ. Делегацијата треба да оствари средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот и алтернативниот извршен директор, Хероен Клик и Марникс ван Риј, како и со тимот на ММФ за нашата земја. Гувернерката и вицегувернерите ќе остварат средби и со претставниците на одделите за статистика, за монетарни и капитални пазари и правни работи при ММФ, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, делегацијата ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан во СБ, Шијаочинг Ју. Делегацијата ќе присуствува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Гувернерката и вицегувернерите ќе имаат средби и со претставници на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), заради размена на искуства за засилување на активностите за финансиска и родова вклученост. Претставниците на Народната банка ќе учествуваат и на тркалезната маса на Светската банка за зајакнување на регионалната соработка во доменот платежните системи.
Пролетните средби се значајна можност за носителите на економските политики од целиот свет да разговараат за важни и актуелни теми. Особена важност имаат состаноците на Светската банка и ММФ, каде што се разгледува напредокот во нивната работа. Темата оваа година е: „Работа – патот до успехот“.
Економија
УЈП: Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави

Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави, потсетува Управата за јавни приходи.
„Со цел да се обезбеди непречено поднесување на ДДВ-04 пријавите за овој даночен период, ИТ тимовите на УЈП ќе работат и во попладневните часови. Процесот на поднесување на ДДВ – 04 пријавите се одвива непречено и заклучно со вчерашниот ден, 22 април 2025 година од очекуваните 40.885, вкупно 12.202 даночни обврзници поднеле ДДВ-04 пријави, што претставува близу 30% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ-04 пријави“, влеат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави за овој даночен период, а сè уште не ги поднеле истите, уште денес да ја достават потребната документација до сметководителите со цел до законскиот рок 25 април 2025 година (петок) да ги исполнат своите даночни обврски.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавите не е само законска обврска, туку и клучен фактор за финансиска стабилност и градење на довербата во институциите“, велат од УЈП.