Македонија
Левица: Вработените во фабрика во Кичево сѐ уште работат без сапун, маски и ракавици

Политичката партија Левица објави дека периодов добиле голем број пријави за ненајавени отпуштања, доцнење со плати и непочитување на препораките за заштита на работниците во време на светска пандемија.
Случај со непочитување на препораките, велат од Левица, е забележан во фабриката „Џојсон систем сејфти“ (поранешно „Ки сејфти системс“) која е лоцирана во технолошко индустриската развојна зона во Кичево.
„Според нашиот извор, во оваа фабрика работниците (коишто се во број поголем од 1000!) сè уште немаат добиено елементарни средства, како сапун, маски, ракавици, со коишто ќе се придонесе за заштита и превенција од коронавирусот. Дополнително, во компанијата не се почитуваат мерките за одалеченост, при што огромен број од работниците се сè уште распоредени во огромни групи со што се зголемува опасноста од ширење на овој вирус“, велат од Левица.
Од партијата додаваат дека станува збор за компанија во која пред две години избркала работници поради обиди за синдикално организирање.
„Конкретниот случај веќе е пријавен до Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат и очекуваме соодветен и навремен одговор од надлежните институции. Иако правните механизми за заштита на работниците континуирано се минираат од капиталистичката владејачка класа, во периодот што следи Левица ќе ги искористи сите механизми што ни стојат на располагање против самоволието на капиталот и неговите владејачки елити“, додаде Левица во соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.