Свет
Бројот на заразени со коронавирус во Италија паѓа четири дена по ред
Бројот на новозаразени со коронавирус во Италија паѓа веќе четврти ден по ред, што укажува на стабилизирање на кризата.
Размерите на епидемијата во Италија се најлоши во светот. Таму сега има 57,5 илјади активни случаи.
Сепак, од рекордните 4.821 нови случаи во саботата, бројката е 3.957 во неделата, 3.780 во понеделникот, 3.612 во вторникот и 3.491 во средата.
„Очигледно сме во фаза на стабилизација на инфекцијата“, рече официјалниот претставник за цивилна заштита, Агостино Миоцо.
„Ако сакаме кривата на епидемијата да се стабилизира, а потоа да почнеме да паѓаме, апсолутно е суштинско да се одржи социјалната дистанца“, додаде тој.
Сепак, бројот на смртни случаи сè уште е голем. Вчера починале 683 лица, со што вкупниот број на жртви достигна 7.503.
Вкупно закрепнати се 9.362 лица, а бројот на пациенти на интензивна нега, кој внимателно се следи поради недостиг на кревети, денес е зголемен за само 2,9 проценти на 3.489 пациенти.
Епидемијата е концентрирана во Ломбардија, но сè повеќе постои загриженост дека ескалацијата може да се случи на југот, особено ако не се почитуваат строгите мерки.
„Следните десет дена тука ќе бидат пекол. Ние сме на работ на драматично ширење на заразата“, рече претседателот на регионот Кампанија, Виченцо де Лука.
Во Кампанија се наоѓа густо населениот Неапол. Градоначалникот на градот ја обвинува владата дека не успеала да обезбеди основна опрема, како што се респиратори, маски и други медицински материјали потребни за да се избегне „трагедија“ во регионот.
Цела Италија е во карантин, што официјално истекува на 3 април, но дури и ако бројот на нови заразени продолжи да опаѓа, речиси никој не очекува дека наскоро ќе бидат укинати ригорозните мерки за движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Изгласана новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен
Претставниците на Европскиот парламент со повеќе од половина од мнозинството гласови ја избраа новата Европска комисија предводена вторпат од Урсула фон дер Лајен, која ја презема функцијата в недела, 1 декември.
Гласаа 688 пратеници, од кои 370 гласаа за потврдување на Комисијата, 282 беа против, а 36 беа воздржани.
Комисијата доби помалку гласови од Урсула фон дер Лајен кога Европскиот парламент гласаше за новиот шеф на Комисијата во јули кога таа доби 401 глас.
Пред пет години, во јули 2019 година, Урсула фон дер Лајен доби само 383 гласа, девет повеќе од апсолутното мнозинство, но нејзината прва Комисија доби поддршка од 461 европратеник, значително повеќе од денес, со тоа што тогашниот состав имаше помалку европратеници, 705, а сегашната има 720.
„Првата голема иницијатива на новата Европска комисија ќе биде компас за конкурентност, што вклучува затворање на иновацискиот јаз со САД и Кина, заеднички план за декарбонизација и конкурентност и зголемување на безбедноста и намалување на зависноста. Тој компас за конкурентност ќе биде рамка за нашата работа до крајот на мандатот“, објави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во својот говор пред претставниците на Европскиот парламент, во кој ја претстави својата програма.
Таа рече дека компасот ќе биде изграден на три столба од извештајот за европската конкурентност, што за Комисијата го напиша поранешниот италијански премиер и претседател на Европската централна банка, Марио Драги.
Зборувајќи за заостанувањето во иновациите, Фон дер Лајен рече дека ЕУ е на исто ниво со САД и Кина кога станува збор за патенти и создавање стартапи.
Сепак, само една третина од европските патенти се комерцијално експлоатирани, а европските стартапи наидуваат на многубројни пречки за нивниот раст.
Свет
Роберт Фицо му честита на Трамп за победата, разговараа за војната во Украина
Словачкиот премиер Роберт Фицо преку телефонски разговор му ја честитал победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, од кој значаен дел е посветен на анализата на војната во Украина, соопштија од кабинетот на премиерот.
Фицо нагласи дека во Европа, а особено во Словачка, многумина се надеваат дека Трамп ќе го реши конфликтот во Украина, пренесе ТАСР.
„Убеден сум дека има огромни очекувања во однос на него не само во Словачка туку и во цела Европа кога станува збор за воениот конфликт во Украина“, рече Фицо.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.