Македонија
Општина Кисела Вода врши дезинфекција во колективни станбени згради

Во општина Кисела Вода од денес се врши дезинфекција на сите колективни станбени згради на оваа територија.
Мобилни тимови организирани од Општината денес вршат прскање за дезинфекција во зградите во урбаните заедници Драчево и Расадник. Утре ќе се врши дезинфекција во урбаните заедници Цветан Димов и Кисела Вода, в сабота во 11 Октомври згради и бараки, додека в недела ќе бидат опфатени колективните станбени објекти во Бирарија, Црниче, Пржино и Припор, соопштија од Општината.
Претходно, Општина Кисела Вода изврши дезинфекција во сите детски градинки, основни и средни училишта, лоцирани на територијата на општина Кисела Вода, на сите улици, јавни површини, на урбаната опрема, детските игралишта, пред поголемите маркети каде има поголема фреквенција на движење и на автобуските постојки на оваа територија.
Во рамките на работните активности за превенција и заштита на здравјето на граѓаните од коронавирусот, Општина Кисела Вода заедно со Град Скопје, тимовите на Црвениот крст и хуманитарната организација Св. Спас, организира можност за бесплатна сервисна помош за лицата со попреченост или инвалидност, лицата во самоизолација, повозрасните лица и сите други жители со одредени хронични болести. Тие, секојдневно, за своите потреби, за набавка и достава на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена, во временскиот период од 8:30 до 12:30 часот, на телефонските броеви 070/379-456 и 02/3211-417 можат да ги контактираат тимовите кои имаат задача бесплатно да им помагаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за Арсовска: За неа многу работи се кажани, немам што да додадам

Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашните обвинувања на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
-Што се однесува за градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани, не би имал што да додадам, одговори кусо Мицкоски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид.
Арсовска вчера информира дека при увид и инспекциска контрола на дивоградба во Општината Чаир, била нападната, прво вербално, а потоа и физички, пред припадници на МВР.
Синоќа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека во нападот имало физички контакт, но, дека е лага и повторен обид за манипулација на јавноста тврдењето оти тоа се случувало пред припадници на МВР.
Градоначалничката Данела Арсовска вчера се огласи преку социјалните мрежи, откако излезе од полициската станица, по нападот врз неа.
Ќе пријавувате насилници сто пати, никој нема да реагира и на крај ќе ве утепаат. Затоа не сме држава. Затоа МВР функционира во одбрана на криминалци, МВР функционира да ги брани оние кои тепаат по улици, можеби се плашат од нив, ако се плашите, Тошковски ако се плашиш бе момче дај си оставка, оди си, дај некој што е храбар, што има срце, душа нека оди таму да се справува со овие луѓе. Криминалци ли ќе ни ја водат државата. Треба ли да се плашиме да излеземе од дома. Не се срамите од ова што го правите?“, праша Арсовска.
Македонија
ФЗО ќе покрива шест, наместо досегашните три ин витра за семејствата кои се обидуваат да имаат потомство

Вкупно шест наместо три обиди за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) ќе бидат овозможени на товор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за семејствата кои се обидуваат да имаат потомство. Ова, како што соопштија денеска генералните директори на Фондот Сашо Клековски и Бранко Аџигогов е една од законските измени усвоени на 10 јули годинава во Собранието.
– Измените предвидуваат вклучување на БПО во основниот пакет на здравствени услуги, зголемување на шест наместо три обиди за БПО на товар на Фондот и усогласување на ослободувањето од партиципација, истакна Клековски.
Дополнително, рече, Фондот го скрати времето на одлучување од три месеци на две недели.
– Фондот го дигитализираше процесот во оваа фаза кон барателите, вклучувајќи го ваучерот за БПО, но и поедностави дел од адиминистратицниот процес, потенцира Клековски.
Новина е, информираа директорите, и тоа што се олеснува лекувањето во странство.
– Се применуваат препораките од Државниот завод за ревизија. Второстепената комисија ќе одлучува само по жалби, не повеќе и по мислење на Првостепената комсија со што се скратува процесот и обезбедеува двостепеност. Рокот за одлучување се скратува од 45 на 30 дена, а се брише и склучување договори со странски болници поради неприменливост, нагласи Клековски.
Според ФЗО, се поголем број брачни парови и поединци се соочуваат со проблеми при зачнување, а успешноста на третманот често се зголемува со зголемениот број обиди.
Македонија
За нова лична карта, возачка дозвола и пасош граѓаните можат да закажат онлајн

Министерството за дигитална трансформација информира дека електронската апликација за закажување термин за издавање лични документи повторно е достапна преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk.
-Граѓаните сега можат брзо и лесно, без чекање и без гужви да закажат термин за следните услуги: издавање лична карта, издавање пасош и издавање возачка дозвола. Процедурата е едноставна и достапна од кој било електронски уред, наведува Министерството.
Воедно додава дека со оваа иницијатива продолжува мисијата да ја дигитализира јавната администрација и да обезбеди поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги за сите граѓани.