Свет
Во Италија за 24 часа починале 712 лица, голем пораст на новозаболени со коронавирус
Италијанскиот северен регион Пијемонт соопшти дека 50 лица во тој регион починале од коронавирус во изминатите 24 часа, број кој е изоставен од национaлната бројка што ја објави Агенцијата за цивилна заштита.
Со овие 50, бројот на починати во Италија во изминатите 24 часа е 712, а не 662 како што претходно беше објавено. Ова претставува зголемување на бројот на починати од претходниот ден кога починале 683 лица.
Бројот на новозаразени во текот на вчерашниот ден е 6.203, што е голем пораст во однос на изминатите денови. Бројката е 3.957 во неделата, 3.780 во понеделникот, 3.612 во вторникот и 3.491 во средата.
Вкупниот број на починати во Италија од коронавирус е 8.215, а не 8.165 како што првично беше објавено.
Бројот на заболени е 80.589, а излекувани се 10.361 лица. Бројот на активни случаи е 62.013, а во критична сотојба се 3.612 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху: Со кое право не’ споредувате со Хамас додека водиме праведна војна
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека одлуката на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд, со која се бара налог за негово апсење, е апсурдна и е насочена кон Израел.
„Со гадење ја отфрлам споредбата на хашките обвинители меѓу демократски Израел и масовните убијци на Хамас“, рече Нетанјаху.
„Со каква дрскост го споредувате Хамас кој убиваше, палеше, масакрираше, силуваше и ги киднапираше нашите браќа и сестри, со војниците на ИДФ кои водат праведна војна“.
Тој го нарече потегот на обвинителот на судот нов тип на антисемитизам.
„Граѓани на Израел, ви ветувам едно – обидот да ни ги врзат рацете нема да успее“, рече тој.
„Ветувам дека ниту еден притисок и ниту една одлука на ниту еден меѓународен форум нема да не спречи да ги удриме оние кои сакаат да не уништат“, додаде премиерот.
Израелскиот претседател Херцог, коментирајќи ја веста за налозите за апсење за воени злосторства, кои покрај лидерите на Хамас се однесуваат и на двајца високи израелски лидери, вклучително и самиот премиер Нетанјаху, рече дека одлуката на обвинителот „повеќе од срамна“ и ќе ги охрабри терористите ширум светот.
„Секој обид да се повлечат паралели меѓу овие ѕверски терористи и демократски избраната влада на Израел – која работи на исполнување на својата должност да ги брани и заштити своите граѓани во целосна согласност со принципите на меѓународното право – е срамота и не треба да биде прифатена од никого. “, рече Херцог.
Главниот обвинител на судот Карим Кан, побара од судиите на Меѓународниот кривичен суд да одобрат налози за апсење на тројца лидери на Хамас и двајца израелски лидери за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на седуммесечната војна во Газа, објави во понеделникот судот .
Одлуката ја критикуваа и САД.
Свет
Америка изрази сочувство за смртта на иранскиот претседател
Соединетите држави денеска испратија „официјални изрази на сочувство“ за смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и други официјални лица во хеликоптерска несреќа, објави Стејт департментот.
„Додека Иран избира нов претседател, ние ја потврдуваме нашата поддршка за иранскиот народ и неговата борба за човекови права и основни слободи“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека нема увид во причината за хеликоптерската несреќа во која загина иранскиот претседател Ебрахим Раиси, додавајќи дека не мора да го гледа поширокото влијание на тој настан врз регионалната безбедност.
„Не можам да шпекулирам што би можело да биде причината“, рече Остин пред новинарите.
Американскиот Стејт департмент додаде дека САД ќе продолжат да се спротивставуваат на поддршката на Иран за тероризмот, ширењето на опасно оружје и унапредувањето на неговата нуклеарна програма.
Свет
Бајден: Барањето за апсење на Нетанјаху е изедначување на Израел и Хамас
Барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд да се издаде налог за апсење на израелските лидери е безобразно и САД не се согласуваат со споредбата меѓу Израел и Хамас, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
„Да бидам јасен, што и да се обидува да имплицира овој обвинител, нема изедначување на Израел и Хамас“, рече Џо Бајден.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, пак, предупреди дека таква одлука може да ги загрози напорите за постигнување договор за прекин на огнот, договор за заложниците и за зголемување на хуманитарната помош во Газа.
„Го отфрламе обидот на обвинителот да го изедначи Израел со Хамас“, нагласи Блинкен.
Главниот обвинител на судот, Карим Кан, претходно денеска изјави дека се поднесени налози за апсење против Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант под обвинение за „поттикнување истребување, поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.
Покрај тоа, денеска судот побара апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије, кои се обвинети за „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуални напади“.