Свет
Како ќе заврши коронавирусот – руски епидемиолог објави три сценарија
Кинезите за сузбивање на коронавирусот презедоа мерки без преседан и организираа карантин каков што досега не е виден во историјата на човештвото, изјави доктор Александар Семјонов, заменик-директор на Институтот за епидемиологија и микробиологија во Санкт Петербург.
Семјонов, кој ја посети Кина двапати за време на епидемијата на коронавирус, рече дека шеесет милиони луѓе биле сместени во строг карантин во Кина и дека целата земја ги почитувала мерките за самоизолација и самоконтрола.
„Никој сè уште не сторил такво нешто. Кинеското искуство, целосното ограничување на контактите, многу му помогна на светот. Тоа покажа како епидемијата може ефективно да се запре. Ова се виде и во Јужна Кореја која го следеше кинескиот пример и се избори со епидемијата“, изјави Семјонов за РТС, пренесува „Танјуг“.
Говорејќи за Италија и Шпанија, тој изјави дека вирусот таму стигнувал по малку, но во многу наврати.
„Властите долго време се двоумеа меѓу комфорот на населението и потребата да се затворат сите граници. Оваа неодлучност на надлежните и долгата акумулација на индивидуални случаи предизвикаа заразата кај нив да се шири полека, но таа постоела цело време и затоа почнаа да реагираат доцна“, смета Семјонов.
Тој наведува дека логиката вели дека е веројатно дека епидемијата полека ќе се намали и ќе престане.
„Да тргнам со најлошото сценарио – епидемијата станува огромна и го преплавува целиот свет. За мене е тешко да верувам во тоа. Вирусот не е заразен како на пример грипот“, изјави тој.
Второто сценарио според него е епидемијата да се шири низ светот во бранови.
„Не се разболуваат многу луѓе, но постојано има болни луѓе. Ова е, исто така, малку веројатно, бидејќи сезоната на распираторни инфекции се ближи кон својот крај на Северната хемисфера. На јужната живеат многу помалку луѓе и таму е тешко да се одржи таква масивност на епидемијата“, забележува Семјонов.
Третото сценарио е дека епидемијата ќе помине и повторно ќе се врати.
„Треба да се најде домаќинот на вирусот. Научниците се занимаваат со ова прашање и наскоро ќе добиеме одговор“, вели рускиот лекар, наведувајќи дека е можно епидемијата да заврши како во случајот со САРС, болест која го уплаши целиот свет и ја нема веќе 17 години.
„Сакам да верувам во тоа сценарио“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Портпаролката на Европската комисија за оценките на Трамп: Задоволни сме што имаме одлични лидери
Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Паула Пињо, денес изјави дека Европската унија е задоволна и благодарна што има одлични лидери.
Паула Пињо одговори на прашањето на бриселскиот портал „Политико“ за интервјуто на американскиот претседател Доналд Трамп, кој даде остра оценка за европските лидери, нарекувајќи ги „слаби“.
„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од лидерката, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, на која сме навистина горди, која може да нè води во многуте предизвици со кои се соочува светот“, рече Паула Пињо.
Портпаролката на ЕК, исто така, ги пофали како што рече „многу други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од тој европски проект, тој мировен проект, кои ја водат ЕУ со сите предизвици со кои се соочува, од трговија до војна во соседството“.
„Затоа, дозволете ми да ја искористам можноста да го повторам она што многу од милионите граѓани во ЕУ мислат: Ние сме горди на нашите лидери“, додаде Паула Пињо.
Американскиот претседател оцени дека Европејците се слаби и дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина.
„Мислам дека тие (Европејците) се слаби, но исто така мислам дека сакаат да бидат политички коректни. Не мислам дека знаат што да прават“, рече Трамп во интервју емитувано денес за „Политико“.
Американскиот претседател верува дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина и ги обвини европските лидери за „неактивност“, а во исто време наведе дека верува оти имиграцијата ја загрозува одржливоста на неколку европски земји.
Американскиот претседател обвини неколку европски влади дека им дозволуваат на милиони луѓе да влезат во Европа, осудувајќи ги „катастрофалните“ имиграциски политики кои наводно ги трансформирале градовите како Париз, Лондон и Стокхолм.
Трамп рече дека Европа е во опаѓање затоа што ја водат слаби лидери.
Фото: депозитфотос
Свет
Сијарто: Поради корупцијата во Брисел, ЕУ не го истражува скандалот со „паричникот“ на Зеленски
Нивото на корупција во Брисел објаснува зошто Европската Унија не го истражува скандалот со „паричникот“ на Володимир Зеленски во Украина, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Корупцијата во Брисел е објаснувањето зошто Европската Унија не го покрена прашањето за корупцијата во Киев“, рече Сијарто во интервју за „Раша тудеј“.
Тој додаде дека европските претставници кои неодамна беа уапсени под сомнение за корупција, вклучувајќи ја и поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, ја обвинија Будимпешта за кршење на владеењето на правото.
Сијарто додаде дека верува оти Европа станала многу помалку безбедно и конкурентно место под водство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Таа предизвика поголема штета на Европската Унија од кој било друг“, рече Сијарто во интервју објавено од РИА Новости.
На почетокот на декември, белгиската полиција изврши рација во канцелариите на Европскиот колеџ и Министерството за надворешни работи на ЕУ во Брисел, а службениците за спроведување на законот ги приведоа, испрашаа, а потоа ги ослободија поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, директорот на Министерството за надворешни работи на ЕУ, Стефано Санин, и уште еден сегашен функционер.
Тие се осомничени за измама поврзана со финансирањето на образовна институција, а против нив сè уште не се поднесени обвиненија, објавува РИА Новости.
На 10 ноември, во Украина беше започната голема операција за откривање на корупциски шеми во енергетскиот сектор, за време на која беа извршени претреси во становите на сегашни функционери и раководители на енергетски компании.
Фото: депозитфотос
Свет
Шестгодишно девојче почина по несреќа во забавен парк во Флорида
Шестгодишно девојче почина по несреќа со картинг во забавен парк во Флорида, потврди полицијата. Трагедијата се случила воикендот во Паркот за трамболини и авантури „Урбан Ер“ во Порт Сент Луси, објави ABC News.
Службите за итни случаи биле повикани во паркот кратко пред 21 часот поради несреќа со картинг во која учествувало дете. Девојчето било префрлено со хеликоптер во болница во Форт Пирс, но им подлегнало на повредите во неделата, соопшти полициската управа на Порт Сент Луси.
„Детективите активно ги истражуваат околностите што довеле до инцидентот“, соопшти полицијата. Портпаролот на полицијата додаде дека извештајот сè уште се чека. Поради тековната истрага, полицијата не објавила дополнителни детали за несреќата, вклучително и природата на повредите. Известена е и Администрацијата за безбедност и здравје при работа (OSHA), како што е пропишано со закон.
Портпаролот на „Урбан Ер“ изјави за ABC, WPBF, дека тие соработуваат со државните и локалните власти. „Срцата ни се скршени од трагичниот инцидент што се случи во нашиот парк во Порт Сент Луси за време на викендот. Нашето најдлабоко сочувство е до семејството и најблиските на детето“, рече портпаролот.
„Нашите политики, процедури и опрема се дизајнирани да ги заштитат децата и семејствата, а благосостојбата на децата и семејствата на кои им служиме е секогаш наш врвен приоритет. Локацијата е затворена додека се фокусираме на поддршка на истрагата и на тоа да ги имаме во мислите сите погодени од оваа ужасна трагедија“, се додава во соопштението.
Фото: депозитфотос

