Македонија
Левица: Компанијата „Џојсон Сејфти Системс” масовно брка работници од работа

Политичката партија „Левица“ објави дека добиле дојави за странската инвестиција во Кичево, компанијата “Џојсон Сејфти Системс” (поранешно “Ки Сејфти Системс”), дека во тек е активно бркање на работници.
Од партијта истакнуваат дека станува збор за истата компанија која во 2017 година избркала десетина вработени кои синдикално се организирале, а сега добиле информации дека од почетокот на кризата на околу 200 вработени не им се обновени договорите и се отпуштени.
„Други 200 работници се пуштени дома на платен одмор и стравуваат дека се чека да им завршат договорите за и тие да бидат избркани“, велат од Левица.
Директорот на Државниот инспекторат на труд, Аљајдин Хавзиу неодамна изјави дека и покрај преку 500 пријави и пет надзори на трудовите инспектори никакви прекршувања не се најдени.
„Каде е правдата за работниците на „Џојсон Сејфти Системс?” Кого штити државата? Работниците се уплашени за својата егзистенција затоа што уште од почетокот на кризата кружат гласини дека фабриката ќе се затвори и дека вработените ќе бидат оставени сами на себе. Истата таа компанија која доби неброени поволности од државата кои се бројат во милиони евра за да може безобзирно да експлоатира труд на нашата територија, сега ги пакува куферите и ги остава работниците на цедило додека трае пандемија! Ова не смее да се толерира сега кога населението е најранливо и затоа бараме од државата најостри санкции и спречување на затварањето на фабриката, ако е потребно и со присилна национализација“, велат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата