Македонија
Глас за Македонија бара политичките партии да се откажат од 4.7 милиони евра
Крајно неодговорно е и себично во овие тешки моменти за државата партиите да очекуваат цели 4.7 милиони евра за свои потреби од народната каса. Впрочем, тоа се наши пари, кои тие во четири очи ги зголемија минатото лето за фантастични 2.5 пати. Безусловно да се откажат од парите кои ни се на сите потребни токму сега, за справување со невидената криза каква има еднаш во столетието, порачуваат од Глас за Македонија.
Партијата смета дека со тие пари може да се изгради и опреми монтажна болница со 1000 кревети, каква може да затреба многу бргу, можат да се набават над 50.000 тестови за корона вирусот и да се снабдат аптеките со потребните заштитни средства.
„Глас за Македонија смета дека ова е клучниот момент еднаш да се прекине со народниот грабеж кога станува збор за партиското финансирање. Нека ги затворат сите непотребни и во 99% преку целата година затворени дуќанчиња, кои изигруваат месни, општински, маалски, улични и какви се не комитети и одбори. Каде го има ова? Сите тие дуќанчиња ги плаќаат граѓаните.Нека покажат на дело цивилизирано однесување. Во ниту една развиена земја партиите не тонат во луксуз, несразмерно на националната економија.
Тие кои најмногу добиваа со децении, треба први да дадат пример. И нека не мислат дека во моменти на борба за секој живот некој утре од сентимент ќе гласа за партија која себично скусила од болните. Сега е срамно да се поставуваат какви било услови. Безусловно да се откажат од нашите пари, веднаш, за пример. Ги очекуваме и сите други мерки кои ќе одат во насока на намалување на платите на функционерите и државниот апарат, на сметка на приватните, мали, семејни фирми кои се најпогодени во кризата“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

