Македонија
Дескоска испрати писмо до судовите со инструкции како ќе се работи за време на вонредната состојба во земјата
																								
												
												
											Почитувани судии и јавни обвинители, адвокати, вработени и други претставници на правосудниот сектор, во овие исклучително тешки времиња за граѓаните дозволете најпрвин да ви посакам на сите добро здравје и надеж за брзо нормализирање и справување со оваа состојба. Воедно, би сакала да ви го честитам и Денот на македонското правосудство и да посакам успешна имплементација на реформите во правосудството, се вели во писмото што министерката за правда, Рената Дескоска, го испрати до правосудниот сектор.
Таа ги информира дека со утврдувањето постоење вонредна состојба во земјата се јавила потреба од донесување уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањата на судовите и јавните обвинителства.
„Оваа уредба се донесе за заштита на здравјето на сите учесници во постапките пред судовите и обвинителствата, без да биде нарушено правилното спроведување на правдата. Во неа е уредено не само прашањето за запирање на течењето на роковите туку и се овозможува одржување расправи и сите дејства на постапките преку интернет со употреба на електронски средства.
Законските и преклузивните рокови за поднесување тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување вонпарнична постапка, поднесување барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање постапка пред Уставниот суд или иницирање и поведување друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа уредба сè до престанување на вонредната состојба. Роковите за застарување за кривично гонење, поведување и водење прекршочна постапка, за извршување на кривичните и прекршочните санкции престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба. Во кривичните и прекршочните постапки роковите за изјавување жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба“, вели Дескоска.
Исто така, се наведува дека издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршувањето на казната. На судиите поротници, на кои мандатот им истекува за време на траењето на вонредната состојба, по сила на оваа уредба мандатот им се продолжува сè до завршување на постапката по судскиот предмет. Доколку некој суд или негово одделение, поради преземени мерки за спречување на ширење на вирусот Ковид-19 (изолација на судии и сл.), не може да постапува по итни предмети, се предвидува дека Судскиот совет ќе определи да постапува друг стварно надлежен суд од ист степен.
Судскиот совет може да донесе одлука и да пропише начин за одржување расправи и преземање на сите други дејства на постапката со користење електронски технички средства, кои обезбедуваат двонасочна комуникација, без заедничко физичко присуство на учесниците во постапката.
„На крајот, апелираме сите судови и јавни обвинителства да се придржуваат на одлуките на Судскиот совет на Република Северна Македонија за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот Ковид-19 и на задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија донесени во врска со вирусот Ковид-19, како и на препораките на Министерството за здравство. На сите ви посакувам, пред сè, добро здравје. Заедно и солидарно да ги надминеме опасностите од епидемијата и така со заеднички сили да ги почнеме преговорите со ЕУ. Од сега натаму од сите нас зависи“, се додава во писмото на Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43. сесија на генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.
Македонија
Утре, без вода дел од скопски Центар
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради дефект во шахта од ф – ¾ на ул. Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од ул. Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција. ( општина Центар )

