Свет
Рускиот митрополит Тихон: Во тек е трета светска војна

Митрополитот Тихон (Шевкунов) од Псковско-печерскиот манастир ја нарече пандемијата на Ковид-19 трета светска војна, во која целото човештво се бори против еден непријател – новиот коронавирус, пренесува „Спутник“.
„По 75 години, повторно е војна – светска војна. Воопшто не преувеличувам, не вршам притисок на вас со некоја посебна загриженост, страв. Тоа навистина е така: во тек е војна меѓу човештвото и тоа зло што влезе во човечкиот род и против кое ни претстои вистинска борба, баш како и на нашите дедовци и татковци за време на војната“, рекол митрополитот за време на проповедта.
„Еден мој пријател, православен христијанин, кој живее во мал град во северна Италија, како нашето место, со неколку илјади луѓе, ми се јави неодамна и ми рече: Не верувавме дека тоа може да се случи. Цела генерација почина во нашиот град – стари над седумдесет години“.
Митрополитот Тихон ги повика верниците да не го посетуваат Псковско-печерскиот манастир, кој се смета за еден од најстарите во Русија и кој не бил затворен ни за време на Втората светска војна.
„Како епископ од Псков, ве благословувам да се молите од дома. Сега не е време да се собираат многу луѓе, вклучително и во храмовите“, рече тој.
Митрополитот Тихон неофицијално се смета за духовник на рускиот претседател Владимир Путин иако никогаш не го потврдил тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украинците прогласија победа во една од клучните битки

Обидот на Русија да го освои источноукраинскиот град Покровск е неуспешен, соопшти Украинскиот центар за безбедност и соработка, по месеци жестоки борби и бавно напредување на Русија околу градот.
Русија долго време се обидува да го освои Покровск, но наместо директно да го нападнат градот, руските сили маневрираат јужно од него и напредуваат кон границата со Дњепропетровската област.
Покровск е важен логистички центар и со месеци е едно од главните жаришта на борбите на фронтот. Киев го опишува како „тврдина“ во одбраната на истокот на земјата, со силни врски со други клучни градови под украинска контрола.
„Гледаме координирана руска информативна кампања која се обидува да го прикрие својот неуспех – фактот дека ја загубија битката за Покровск“, изјави Серхиј Кузан од Украинскиот центар за безбедност и соработка за Радио НВ.
Иако руските сили направија делумен напредок околу градот, Покровск сè уште останува под украинска контрола.
Според тврдењата на Киев, руските загуби во битките за Покровск се многу пати поголеми од украинските. Овие податоци не се независно потврдени, но руската армија е позната по таканаречената тактика на „мелница за месо“ – испраќање голем број војници во фронтални напади, без оглед на загубите.
Кузан вели дека Украина правилно ја спроведе својата одбранбена стратегија, прекинувајќи ги руските рокови и оневозможувајќи ги нивните пошироки планови за летна офанзива. „Нивните планови пропаднаа, сега заостануваат зад сопствениот распоред, а тој е клучен за нивниот летен напад“, рече Кузан.
„Тие не можат да нè избркаат од Донецката област затоа што ги запревме во близина на Покровск“, додаде тој.
Свет
Келог: Русија нема да ја добие војната

Украинската и американската страна составија список на услови за прекин на војната, кој вклучува 22 многу специфични дејства, изјави специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог.
„На Украинците не им се допаднаа сите услови, но никому нема да му се допадне конечниот став што ќе го заземете. Тоа е во ред кога имате преговори. Но, ние сме во прилично добра позиција со нив“, изјави Келог за „Фокс њуз“.
Одговарајќи на изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Русија ќе ја добие војната против Украина, Келог рече дека тоа не одговара на реалноста.
„Руската Федерација нема да ја добие оваа војна. Русија не постигна никаков напредок во последната една и пол година. Тие изгубија стотици илјади војници, напредуваат во метри, а не во километри. А Украинците се борат жестоко на своја почва. Значи, кога Руската Федерација вели дека победува, тоа не е така“, рече Келог.
Тој оцени дека Русија треба да ја признае промената на околностите, односно дека Украина, според него, добро се држи, дека европските партнери зајакнуваат и формираат нови сили без помош на САД.
„Тие сега се подготвени да ја засилат поддршката за Украина доколку е потребно“, верува Келог.
Како што изјави тој, војната нема да заврши воено, туку само по дипломатски пат.
„Украинците сега добро го разбираат ова, а и Русите треба да го разберат“, рече тој.
Свет
Американскиот сенатор Греам: Го молам Ватикан да размисли Трамп да биде папа

Американскиот сенатор Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина, во објава на „Икс“ напиша дека Трамп треба да биде новиот папа.
„Бев возбуден кога слушнав дека претседателот Трамп е отворен за идејата да стане следниот папа. Навистина би бил кандидат во сенка, но би ги замолил конклавата и католичките верници да бидат со отворен ум за оваа можност! Првата комбинација папа – претседател на САД има многу предности. Ние го следиме белиот чад… Трамп MMXXVIII!“, напиша тој на „Икс“.
Доналд Трамп вчера изјави дека би сакал да биде папа. „Би сакал да бидам папа. Тоа би бил мојот прв избор“, му рече американскиот претседател на новинар, кој го праша за конклавата.
Тој продолжи нагласувајќи дека нема фаворит, но посочи дека Тимоти Долан, надбискупот на Њујорк, би можел да биде добар избор. „Не знам. Немам фаворит. Но, морам да кажам дека имаме кардинал од место наречено Њујорк, кој е многу добар, па ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп.
Греам е познат по значајните промени во политичките ставови, особено во врска со Доналд Трамп и надворешната политика.