Македонија
Здруженија со препораки за постапување и третман на лица со попреченост во време на пандемија
Здружението за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост ИКУАЛИТИ (EQUALITY) и Центарот за поддршка на лица со попреченост ПРКОС објавија препораки за постапување и третман на лица со попреченост во време на пандемија на коронавирусот. Од таму велат дека излегле со препораки поради отсуство на мерки од надлежните.
Соопштението го пренесуваме интегрално:
Поттикнати од непостоечкото, односно недоволното адресирање во препораките и мерките на надлежните институции во земјава на групата на социјално ранливата група – лицата со попречености, Здружението за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост „ИКУАЛИТИ“ (EQUALITY) и Центарот за поддршка на лица со попреченост „ПРКОС“подготвија листа на препораки и совети.
1. Не за стигматизацијата!
Да не се стигматизираат лицата со попреченост, како една од најранливите групи на граѓани, со цел да се избегне можност од неправеден третман, поточно третирање на лицата со попречености како граѓани од втор ред или стигматизирани како пренесувачи на заразни инфекции.
2. Придржување кон посебните мерки предложени од Владата!
Се препорачува на приватниот и државниот сектор неодложно да се придржува кон препораките за ослободување од работни обврски на сите лица со попреченост, не само на оние со хронични болести, соодветно и согласно нивната здравствена состојба.
3. Навремено подмирување на исплатите од социјалните мерки!
Неодложно и навремено исплаќање на одобрените средства во рамки на социјалните мерки на надлежните институции, како и разгледување на можноста за зголемување на пооделни ставки или носење на нови мерки за најранливите општествени групи. Овие средства за значаен процент се единствениот извор за опстанок со кои покриваат основни трошоци за медицински терапии и нега и хигиена.
4. Повик до сите единици на локалната самоуправа и Црвен крст да воспостават служби за поддршка!
Ги повикуваме сите единици на локалната самоуправа и Црвениот крст, но и локалните здруженија, кои поседуваат соодветни ресурси да се вклучат во иницијативата на Црвен Крст од Скопје и поедините скопски општини, со цел да им се помогне во купување на намирници за исхрана и обезбедување медицински терапии.
5. Еднаков пристап до здравствени услуги и приоритетни телефонски линии!
Здравствените институции кои се надлежни за општо здравје да изнајдат начин да остварат поблизок контакт со лицата со попреченост,а со цел непречена грижа за нивното здравје и психолошка состојба. Центрите за јавно здравје и Јавните здравствени установи да одобрат директен контакт со одговорно лице за итни случаи за лица со попреченост.
6. Општествена одоговорност од институциите и приватниот сектор!
Се охрабруваат сите институции и приватниот сектор да иницираат линија за контакт со лицата со попреченост, како би придонеле да не бидат запоставени нивните потреби, а како директна последица од мерките и пред и се поради ограничувањето на едно од основните права, правото за слободно движење. Нешто што препорачуваме да стане стандардна пракса и по завршување на состојбата!
7. Медиуми и информирање!
Се препорачува на медиумите, надлежните институции, органи, приватниот и јавниот, како и невладиниот сектор да се придржуваат до следните насоки и препораки на Светската здравствена организација: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/technical-guidance. Да практикуваат избалансирана и суштествена комуникација со цел избегнување поттикнување сериозни здравствени последици кај населението од ранливите категории граѓани.
8. Постапување во случај на злопутреби или прекршување на правата на лица со попреченост!
Доколку лицата со попреченост се цел на злоупотреба од било која природа, или се соочат со непочитување на нивните права, тие или оној кој посведочил таков вид на пракса мора неодложно да се обратат на надлежните органи или пак организациите за заштита на правата на лицата со поречност во нивната средина на живеење!
Следењето на овие препораки ќе помогне во управување со процесите за информирање, соодветна и навремена реакција, но пред и се превенција на нарушување на здравствената состојба кај лицата од социјално ранливите групи граѓани, кои се изложени на секојдневни предизвици кои директно влијаат врз нивното општо здравје и состојба.
Апелираме до лицата со попреченост да се придржуваат кон препораките на Владата, да бидат претпазливи за своето здравје и да останат спокојни за времетраењето на времената вонредна состојба, да побараат помош од своите најблиски или својата околина, да ги користат сите соодветни канали за комуникација со надлежните државни, локални и здравствени институции секогаш кога тоа им е потребно, а се со цел да се одржи високо ниво на свесност за грижата за сопственото здравје, можните ризици од негово нарушување, како и со цел постапување во случаи кога ќе се најдат во загрозувачка состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

