Македонија
(Видео) Петров: Економските мерки на Владата значат помош за 250.000 работници и 35.000 компании
„Коронавирусот комплетно го промени начинот на кој фунцкионира светот и никој не е поштеден. Загрижени сме за својата иднина, своите работни мести и своите месечни примања.
Драги претприемачи, знам дека ова е тежок период и за вас. Некои од вас беа принудени да го намалат обемот на работа. Други мораа привремено и да ги затворат своите компании, а бидејќи приливите се намалени, многумина од вас се прашуваат како да им ги исплатат платите на своите вработени на крајот од месецот. Ова се неизвесни времиња за сите, но мојата порака до вас денес е следна – не сте сами во ова. Ќе го надминеме ова заедно“, изјави потпретседателот на СДСМ, Коста Петров.
Според него, Владата е свесна за проблемите со кои се соочувате и подготви нов пакет-економски мерки, вреден 200 милиони евра, со една јасна цел – да се ублажи економскиот удар од коронавирусот и да им се помогне на граѓаните, на работниците, на компаниите, на сите на кои им е загрозена финансиската состојба.
„За да ги зачуваме работните места, Владата предводена од СДСМ овозможува директна помош од 14.500 денари од вработен за април и мај за сите фирми погодени од кризата. Со оваа мерка таргетирани се 35.000 компании, односно 50 отсто од сите компании во државата. Би сакал да напоменам дека дури 87 отсто од шифрите на дејност се опфатени со оваа мерка. Ова практично ќе ја покрие целата нето-плата на 75.000 граѓани, а на 180.000 граѓани ќе покрива до 75 отсто од нивната нето-плата. Не се заборавени ниту спортските работници вработени во спортските здруженија, како и самостојните уметници. И за нив е обезбедена минимална плата од 14.500 денари за април и мај, како и придонеси преку Министерството за култура. Сите фирми погодени од кризата нема да плаќаат данок на добивка преку месечните аконтации. Кредитите кај банките и штедилниците се одложени од 3 до 6 месеци, а кај финансиските друштва за 3 месеци, но имаме и случај каде што многу банки ги одложуваат кредитите и до 6 месеци. Извршителите се одложени за 6 месеци. Во периодот на криза се забранува и одење на компаниите во стечај.
Државата ја субвенционира каматата и со тоа им нуди ликвидни средства на компаниите со 0 отсто камата во износ од 13,7 милиони евра со 12 месеци грејс-период и 3 години рок на отплата.
На располагање на фирмите се и евтини кредити од 50 милиони евра со камата од 1 до 1,5 отсто годишно. Казнената камата се намали 50 отсто (од 0,03 на 0,015 отсто). Законската затезна камата исто така е намалена 50 отсто (од 10 на 5 отсто за фирми и од 8 на 4 отсто за граѓани). Граѓаните што останале без работа ќе земаат 50 отсто од просечната плата што ја имале кога биле вработени преку Агенцијата за вработување во согласност со Законот за вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност (член 68.) Лицата од неформалната економија, кои останале без приходи, ќе земаат по 7.000 денари помош од државата за април и мај. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 20.000 нови домаќинства, кои веднаш ќе влезат во системот на социјална заштита, како и 30.000 веќе постојни корисници“, истакна Петров.
Тој додава дека се овозможува и одложување на плаќањето кирии за станови и деловни простори во државна сопственост за 3 месеци за граѓаните и фирмите погодени од кризата. Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земаат минимална нето-плата од 14.500 денари за април и мај 2020 година. Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции, претседатели и членови на советите во општините, а кои се вработени, нема да примаат надомест за времетраењето на кризата. Истовремено, Владата веќе донесе одлука за забрана за нови вработувања и нови ангажирања во јавниот сектор. Донесена е и одлука сите средства од заштеда од непродуктивните трошоци да се пренаменат за справување со здравствено-економската криза. Се формира солидарен фонд за помагање на здравјето на граѓаните и други социјални потреби на граѓаните.
„Знам дека ова е тежок период, но само заедно, сплотени и солидарни, можеме да ја победиме оваа криза. Нека биде ова време на солидарност, на поддршка и заедништво. Ние покажавме како преку исправни политики, истрајност и посветеност се рушат сите бариери и се постигнуваат зацртаните цели. Затоа веруваме дека сите заедно и овој пат ќе успееме да се избориме и со здравствената и со економската криза! И, запомнете, не сте сами во ова. Ќе го надминеме ова заедно“, додава Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

