Свет
Свештеник кој тврдел дека короната е хистерија отишол да проповеда и починал од вирусот
Пасторот Ландон Спредлин, кој велел дека коронавирусот е хистерија и отишол во Њу Орлеанс да проповеда за време на фестивалот Марди Грас, починал еден месец подоцна.
Сопругата, четирите ќерки и синот на пасторот велат дека се надеваат оти ќе може да одржат голема церемонија во негова чест.
Засега можеле да направат само погреб на кој имало пет лица, вклучувајќи и блуз-гитарист кој свирел на гробиштата.
Пред нешто повеќе од еден месец, пасторот Спредлин (66) се возел со сопругата Џин од нивниот дом во Вирџинија до 1.500 километри оддалеченото место каде со одржува Марди Грас, јавува Би-би-си.
Пасторот велел дека има намера да ги спаси душите на некои од стотиците илјади луѓе кои присуствуваат на овој фестивал.
Му се придружиле и две од неговите ќерки кои дошле од Тексас.
„Неговата мисија беше да оди во пабови, клубови и барови, да свири блуз, да се поврзе со музичарите и да им порача дека Исус ги сака“, вели 28-годишната Џеси Спредлин.
На Марди Грас, фамилијарниот бенд свирел на плоштадот Џексон во Њу Орлеанс, плоштад полн со луѓе, а денес, од семејството на пасторот велат дека не биле свесни за заканата од зараза.
Иако минал повеќе од еден месец од првиот случај на коронавирус во САД, Марди Грас продолжил според планираното.
Пастор Спредлин бил еден од оние кои се разболеле, но тестот покажал дека е негативен на Ковид-19. Дури и додека бил болен, тој на социјалните мрежи објавил дека вирусот е хистерија.
На 13 март, Спредлин на „Фејсбук“ споделил лажнa вест во која се споредуваат смртните случаи од свински грип и оние од коронавирус.
Тој утврдил дека медиумите кон Барак Обама и Доналд Трамп постапуваат многу различно и дека се работи за политички мотивиран заговор со цел да му се наштети на претседателот Трамп.
Синот на пасторот смета дека неговиот татко бил под влијание на изборната година.
„Сакам да кажам искрено, тато не сметаше дека ова е измама, тој знаеше дека се работи за вистински вирус“, вели Ландон Исак.
„Тој веста на Фејсбук ја објави затоа што беше фрустриран што медиумите шират страв како основно средство за комуникација“, додава синот на пасторот.
Сепак, кон средината на март, здравјето на пастор Спредлин одеднаш се влошило. Тој и неговата сопруга решиле од Њу Орлеанс да тргнат кон нивниот дом во Вирџинија.
Пасторот бил пренесен во болница во Северна Каролина, каде било констатирано дека развива пневмонија во белите дробови, а новиот тест покажал дека е позитивен на коронавирус.
По осум дена на интензивна нега, пасторот Ландон Спредлин починал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

