Македонија
Мицкоски изрази благодарност до лекарите: Голораки се борите со пандемија што одзема животи
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку отворено писмо се обрати до лекарите и здравствените работници за кои вели дека се херои во првата линија во борбата против заразната пандемија која одзема животи.
„Го пишувам ова поради мојата желба, морална совест, но пред сè обврска како човек да упатам јавна благодарност до секој еден од вас кој се жртвува себе, својот живот и судбината на своите семејства за да ги спасите нашите животи и животите на нашите семејства“, стои во ораќањето на Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ воедно посочува дека писмото нема политичка заднина туку е само израз на неговата искрена волја јавно да каже „благодарам“.
„Вашиот деноноќен труд спасува животи, и додека за време на полицискиот час секој од нас е дома со семејствата, вие сте на работните места и помагате. Не може човек, а да не се поклони кон величенственото дело кое го правите за нашата земја и овој народ, со чест и сила која нè прави горди. Во моите мисли се луѓето во белите мантили, како и полицајците, оние кои го одржуваат редот и мирот“, нагласува Мицкоски.
Како што вели тој, доаѓа време кога секој ќе се соочи со грешките кои ги направил, но делото на лекарите и сестрите кои голораки се борат против пандемијата не смее и не треба да се заборави.
„Докторите и сите здравствени работници треба да знаат дека не се сами. Јас како лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжам да лобирам и барам помош која ќе значи подобра опрема за заштита на лекарите. И не само од Унгарија и Словенија, туку ќе го побарам секој број во мојот телефонски именик кој може да помогне и испорача помош за Македонија. Ќе продолжам да се борам со предлози кои ќе значат заштита на здравјето на граѓаните и спас од растечката сиромаштија на народот. И да, целосно свесен дека ќе бидам предмет на сериозен политички линч од Владата и нејзините платени структури, но целосно убеден и подготвен дека правам исправна работа за вистинските херои во оваа битка ќе продолжиме заедно да се бориме, и да, ќе победиме над пандемијата, заедно помагајќи си еден со друг“, се вели во отвореното писмо на Мицкоски.
Во него тој објаснува дека веќе дал насока за изработка на законска уредба која ќе биде поднесена до Владата за парична награда на здравствените работници за месеците март, април и мај. Мицкоски најавува и дека многу скоро, во зависност на степенот на вклученост во борбата, ќе предложи слична мерка и за припадниците на МВР и АРМ.
„Ви се поклонувам Вам јунаци! Ја имате мојата искрена благодарност. Вашето дело нема да биде заборавено“, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на крајот од своето обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.

