Македонија
Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил 91 надзор
Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, на денешната редовна прес-конференција информира дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат бил на увид на терен во повеќе јавноздравствени установи во изминатиот период во согласност со одлуката и препораката, односно задолжувањето од централниот штаб во Владата.
„Од 30 март до 5 април направени се вкупно 91 инспекциски надзор: 79 во јавноздравствени установи, 12 во приватни. Направен е увид во однос на опременоста, количината заштитни маски, ракавици, капи, мантили за еднократна употреба, визири и калоши, сè што се користи за пристап кон пациенти на соодветно ниво на здравствена заштита. Констатирани се доволни количини, како и средства за дезинфекција на работни површини и дезинфициенци за рацете“, потенцира министерот Филипче.
Министерот Филипче им го честита денешниот Светски ден на здравјето на сите колеги здравствени работници, кои, како што истакна, во овие услови на светска здравствена криза, во услови на пандемија на коронавирусот, го даваат својот максимум за спасување човечки животи.
„Здравствените работници се на првата борбена линија и даваат сè од себе во лекувањето и третманот на пациентите, а со тоа спасуваат човечки животи. Во овие моменти тие се столбот на државата и нашата најголема надеж. Апелирам до моите колеги – да го чуваат своето здравје, да се штитат на работното место, но и надвор од работното место. Во името на сите здравствени работници сакам да упатам апел до граѓаните да се придржуваат до мерките, да даваат точни и прецизни одговори на прашањата на медицинскиот персонал затоа што така се штитат медицинските работници, така го одржуваме здравствениот систем“, рече министерот Филипче.
Тој апелира до граѓаните сите да бидат одговорни кон себе и кон своите најблиски, кон сограѓаните. Да се придржуваат кон мерките, да ги почитуваат, со цел да се стави крај на патот на ширење на вирусот. Со оглед на тоа што веќе има над еден милион случаи во светот, а речиси 70.000 починати, Светската здравствена организација во текот на денешниот ден ги предупреди земјите што планираат да ги ублажат мерките, да размислат, заради тоа што мислат дека има одредени мислења оти сè уште е рано.
„Ние воведовме рестриктивни мерки за кои верувам дека ќе има целосно разбирање заради тоа што само такви мерки може да доведат до дефинитивно спречување на вирусот. Не е едноставно да се донесат такви мерки, меѓутоа тоа е нешто што мора да го направиме за да го намалиме ризикот за сопственото и за колективното здравје“, додаде Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

