Економија
Поради вонредната состојба, се продолжуваат роковите за стекнување старосна пензија

Владата денеска донесе уредба со законска сила за примена на одредбите од Законот за пензиите и пензиските надоместоци од капитално финансираното пензиско осигурување за време на вонредна состојба со цел продолжување на роковите за поднесување барање за остварување на правата што произлегуваат од Законот за исплата на пензиите и пензиските надоместоци од капитално финансираното пензиско осигурување.
Во согласност со оваа уредба се продолжуваат роковите за постапување на Фондот на ПИОСМ при остварување право на старосна пензија од вториот пензиски столб и роковите за издавање потврда од Фондот на ПИОСМ дека членот на пензискиот фонд нема остварено право на пензија поради неисполнување на условите по однос на должината на пензискиот стаж и нејзино доставување до пензиските друштва, а сè со цел олеснување на пристапот до остварување, односно користење на овие права, во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (Ковид-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирањето на реалниот сектор.
Денеска е донесена и уредба со законска сила за примена на одредбите од Законот за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување за време на вонредна состојба.
Донесувањето на оваа уредба е со цел продолжување на роковите за примената на одредбите од Законот за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување додека трае вонредната состојба. Имено, со оваа уредба се продолжуваат роковите во постапката во: постапка по барање за добивање дозвола за основање друштво и барање за одобрение за управување со задолжителен пензиски фонд и барање за запишување задолжителен пензиски фонд во регистарот на задолжителни и доброволни пензиски фондови; постапка за запишување агент во регистарот на агенти; постапка за полагање на испитот на агенти; поведување управен спор против решение на Агенцијата, со кое се одбива барањето за полагање испит на агенти доколку кандидатот не ги исполнува условите за полагање испит; поведување управен спор против решение на Агенцијата, со кое се изрекува забрана за полагање испит во траење од три години; поведување управен спор против решение на претседателот на Советот на Агенцијата, со кое се продолжува полагањето на испитот за агенти; постапка за донесување решение од страна на Советот на експерти на Агенцијата за одземање на уверението за положен испит на агент и за поведување управен спор против ова решение, а со цел олеснување на пристапот до остварување, односно користење на овие права, во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (Ковид-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирањето на реалниот сектор.
Владата денеска ја донесе и уредбата со законска сила за примена на одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување за време на вонредна состојба за да се продолжат роковите за поднесување барање за остварување на правата што произлегуваат од областа на пензиското и инвалидското осигурување, односно правото на утврдување својство на осигуреник, право на старосна пензија, семејна пензија, правото на инвалидска пензија, правата во согласност со договорите за социјално осигурување, продолженото социјално осигурување, професионалната рехабилитација, правата поврзани со непосреден лекарски преглед од страна на Комисијата за оцена на работната способност, Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност, односно неспособност за работа, и Комисијата за задолжителен контролен преглед, правото за сместување во домови и станови за корисници на пензија, роковите за внесување на податоците во матичната евиденција, роковите за користење и губење на правата, а сè со цел олеснување на пристапот до остварување, односно користење на овие права во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (Ковид-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирањето на реалниот сектор.
На оваа седница е донесена и уредба со законска сила за примена на одредбите од Законот за вработувањето на инвалидни лица за време на вонредна состојба со цел продолжување на роковите за поднесување барање за остварување на правата што произлегуваат од областа на вработувањето на инвалидните лица, односно се одлагаат роковите за правата чие остварување е поврзано со непосреден преглед на Комисијата за оцена на работната способност на Фондот, роковите за исполнување на условите за задржување на статусот на заштитно друштво доколку дојде до промена на условите, роковите за донесување решение за доделување на средствата од Посебниот фонд, како и роковите за враќање средства по донесено решение за враќање, со цел олеснување на пристапот до остварување, односно користење на овие права во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (Ковид-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирањето на реалниот сектор.
Владата донесе уредба за дополнување на уредбата со законска сила за примена на Законот за локалната самоуправа во согласност со која претседателот на Советот на Општината може да свика и да раководи со седница на Советот и со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет-комуникација и софтверски алатки).
На денешната седница е донесена и уредба со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба во согласност со која, заради спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на коронавирусот Ковид-19 и поефикасно утврдување дали одредено лице било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавиру, како и за навремено информирање одредено лице дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус и негов навремен медицински третман, Министерството за здравство како мерка може да примени и најнови технолошки достигнувања (интернет-платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично), при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци, како и соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот.
Владата ја разгледа информацијата и го усвои текстот на договорот за донација на картички за мобилен интернет на социјално загрозените семејства кои имаат деца ученици во основно и средно училиште.
За таа цел, Министерството за информатичко општество и администрација и „Македонски телеком“ АД Скопје потпишаа договор за донација на картички за мобилен интернет, со кој договор ќе се обезбедат 18.400 картички за мобилен интернет со капацитет од 10 ГБ месечно наменет за овозможување пристап до платформите за учење во согласност со насоките и мерките утврдени по предлог на Министерството за образование и наука. Целта на оваа донација е обезбедување технички средства за завршување на учебната година на сите ученици од основните и средните училишта преку обезбедување картички за мобилен интернет.
Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да преземе активности за дистрибуција на примената донација до социјално загрозените семејства кои имаат деца ученици во основно и средно училиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.