Македонија
Вработените во јавниот сектор, кои се ослободени од работа, нема да имаат лански одмор
На оваа седница Владата ја донесе уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба во согласност со која вработените во јавниот сектор, кои работно се ангажирани за времетраење на привремените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот Ковид-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година во согласност со потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата.
Уредбата утврдува дека на вработените во јавниот сектор, кои се ослободени од извршување работа и работни задачи, во согласност со мерките за заштита од ширење и превенција од коронавирусот Ковид-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.
По исклучок од оваа уредба, за работниците во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, јавните здравствени установи во Република Северна Македонија, царинските службеници, единиците за противпожарна територијална заштита, во инспекциските служби, како и лицата што работат во старските домови, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година, кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година во согласност со потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице во Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

